Тимчо Муцунски/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Муцунски по средбата со Георгиев: Сакаме предвидлив процес, со јасен почеток и крај

Кога Европа нас ни зборува за примена на европски вредности, соодветно е и ние да ги одбраниме нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во која било земја во светот, вклучително и во соседна Бугарија – нагласи Муцунски

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во изјава за МРТ за средбата со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, истакна дека разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.

-Ние сакаме процес којшто е предвидлив, којшто има јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме под уцена или под притисок какво било решение или каков било компромис. Секој компромис треба да соодветствува со реалноста во којашто живееме и со европските вредности за кои Европа постојано на сите нас во целиот регион ни зборува – изјави Муцунски.

„Бугарите во Уставот е само првиот чекор напред“ -му кажал бугарскиот министер за надворешни работи на Тимчо Муцунски во Минхен

Министерот рече дека со Георгиев зборувале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство.

-Зборувавме за потребата од јасен и предвидлив пат којшто е во рамките на европските стандарди и принципи. Зборувавме за потребата од примена на соодветни малцински права во соседна Бугарија, посебно во делот на потребата од примена на пресудите од Европскиот суд за човекови права. Кога Европа нас ни зборува за примена на европски вредности, соодветно е и ние да ги одбраниме нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во која било земја во светот, вклучително и во соседна Бугарија – нагласи Муцунски.

Муцунски и Георгиев вчера остварија средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, двајцата министри разговарале за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија и положбата на македонското малцинство во Бугарија.

-Министерот Муцунски изрази жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес. Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата – се вели во соопштението од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот