Адвокатот Александар Гоџо / фото: Телма/скриншот

Можноста граѓаните да ја тужат државата за загадениот воздух е голем исчекор, вели адвокатот Гоџо

Здравата животна средина е уставно загарантирано право на граѓаните, посочија правните експерти во вечерашната „Топ Тема“ на „Телма“ поздравувајќи го начелниот став на Врховниот суд со кој се отвара правна можност граѓаните да ја тужат државата за повреда на тоа право. Мислењето на Врховниот суд се совпадна со периодот кога неколку градови во државата беа во врвот на листата на најзагадени градови во светот.

Адвокатот Александар Гоџо, кој и самиот води такви процеси пред македонските судови, појасни дека откако Врховниот суд ќе утврди различно постапување, или различно правно резонирање за иста правна или слична правна работа, негова уставна должност е да реагира и да ја воедначи прво правната аргументација, а потоа да даде насоки коишто се задолжителни за неговите совети, а понатаму по принципот на хиерархијата да има некоја насока каде треба да се движи правниот поредок.

„Овде се расчистуваат неверојатно добар број на прашања од самиот фундамент, дали ова право е прво поединечно или колективно право. Кој е одговорен да ја обезбеди здравата животна средина, не затоа што судот рекол, туку затоа што самиот Устав пишува дека тоа е обврска на државата, да се грижи за тоа право да го даде. Каде се врши таа заштита, таа се врши во рамките на судската власт, особено со акцент на управната материја, каде што точно по тие одредби од Законот за управна постапка кога нема друга правна заштита, Управниот суд е тој“, рече Гоџо.

Ако вие земете со закон обврска на себе, како правен поредок, продолжи тој, дека ќе донесете определен план и ако тоа не го направите, тогаш тука е судот да интервенира. Ова е голем правнички исчекор.

За универзитетскиот професор Борче Давитковски, со ова се отвара „Пандорината кутија“ и ќе се види одговорноста на државата.

„Сега државата е на тапет, било кој да покрене прашање пред Управниот суд ќе се постави дали надлежниот министер, градоначалникот, или било кој, дали ги преземал сите мерки или не ги преземал. Ние не кажуваме за поединец, туку кажуваме глобал, бидејќи Уставот во глобал ги штити правата на граѓаните“, рече Давитковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот