Александар Николоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е Николоски малку да претера: „Договорот со Британија целосно ќе ја трансформира Македонија“

Македонија со договорот се позиционира „рамо до рамо со втората светска сила во моментов“, рече вицепремиерот и министер за транспорт на партиска трибина во Гевгелија

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва учествуваше на партиска трибина која се одржа во Гевгелија на тема „Инфраструктурен бум – ги градиме темелите на промените“.

Николоски во своето обраќање се осврна на владиниот договор со Велика Британија и рече дека ова е нешто што, како прво „ќе ја трансформира Македонија“, а второ – Македонија со овој договор се позиционира рамо до рамо со, како што рече тој, „втората светска сила во моментов“.

Тој ги наведе економскиот аспект и придобивките за Македонија и за граѓаните.

„Прво е лична мотивација. Јас кога се нафатив минатата година на овој предизвик, бев силно мотивиран да направиме работи кои што ќе останат позади нас, но и работи кои што ќе останат за генерациите коишто ќе не паметат и коишто ќе нè споделуваат, што сè се правело“, рече Николоски.

Според Николоски, има уникатна можност да застане „рамо до рамо со најразвиените европски држави“.

„Ние мора да направиме гигантски чекор напред ако сакаме Македонија да ја однесеме рамо до рамо со најразвиените европски држави и имаме уникатна можност да го направиме тоа затоа што сме мала држава, но во исто време имаме вреден народ, чесен народ и со добра организација се постигнуваат овие резултати“, рече вицепремиерот, кој во мај во Лондон го потпиша договорот за економско и политичко партнерство со Британија.

Како дел од договорот, на земјава ѝ стануваат достапни заеми со вкупна вредност од шест милијарди евра за инфраструктурни проекти. Македонија парите ќе ги позајмува од британски комерцијални банки, според услови кои, како што наведуваат од Владата, ќе бидат различни за секој проект, но во секој случај поволни.

Николоски истакна дека Македонија е првата држава во Европа која има потпишано ваков договор, додавајќи дека „министерот за надворешни работи денес веќе го надградил тој договор“.

„Тоа според мене е значајно од политички аспект, затоа што како што кажав, втората светска сила става свој печат во Македонија и тоа се трајни работи. Затоа што кога водите битки надвор, кога се бориме за македонскиот национален идентитет, за македонскиот јазик, за македонскиот народ, кога сакаме да е почитувана македонската историја и култура, многу е полесно кога имате голема светска сила позади себе“, вели Николоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот