Можела ли да се спречи смртта на Тони Ангелковски на Кардиохирургија?!

Нема одговор од министерот за здравство Арбен Таравари на новинарските прашања зошто немало стент-графтови на Торакалната клиника и функционална сала на Клиниката за кардиохирургија кога 57-годишниот пациент Тони Ангелковски бил донесен таму веќе дијагностициран од страна на „ГОБ 8 Септември“ дека му треба итна консултација со торакален хирург, по што тој почина на Кардиохирургија чекајќи операција за вградување на стент-графт. Целосното дијагностицирање на Ангелковски веќе било извршено во ГОБ „8 Септември“ така што кога тој пристигнал на државна Кардиохирургија, веќе се знаела неговата сериозна здравствена состојба.

Наодот за пациентот од ГОБ „8 Септември“, со целосна дијагностицирана состојба

Клиниката за кардиохирургија призна дека салата во која можело да се вгради стентот, веќе еден месец не им работи поради реновирање, а им работи само таа за отворено хируршко лекување на пациентите – нешто за кое што Ангелковски не бил подобен, бидејќи ризикот од таква интервенција кај него бил голем а шансата да преживее, според соопштението од Кардиохирургија му била од 1 до 3 проценти. Меѓутоа, за таа интервенција за која бил подобен, немало хируршка сала и тоа му било соопштено и на семејството. Салата, според известувањето од Клиниката за кардиохирургија била надвор од фукнција повеќе од 1 месец зашто во неа се поставувал нов апарат.

Имајќи ги предвид сите овие факти беше испратено барање за конзилијарно мислење до Клиниката за Торакална и Васкуларна Хирургија затоа што се тие единствени кои имаат инфраструктура и матерјали за ендоваскуларен третман покрај нашата клиника во склоп на јавното здравство на што добивме одговор дека не се во можност да ја направат интервенцијата заради поправка на ангиографот и недостаток на стент графтови, наведоа од Клиниката за кардиохирургија.

Денеска Таравари беше прашан имало ли стентови и функционална сала, на што тој одговори дека „секако имало“. Но, фактичката состојба при приемот на пациентот го покажува токму спротивното и прашање е што би се случило доколку на некој друг пациент му затреба таква интервенција додека да завршат реновирањата на Кардиохирургија.

-Дисекција на аорта е сериозна дијагноза. Докторите го знаат тоа. Не е дека пациентот не е примен. Направена е ангиографија, преземени се сите мерки да се стабилизира со висок крвен притисок, па потоа да се оперира. Меѓутоа, пациентот починал за жал. Не знам зошто семејството инсистирало да не се направи обдукција, кога на Кардиохирургија инсистирале да се направи обдукција за да се констатира. Но, како и да е, денеска Државниот здравствен и санитарен инспекторат е таму и веднаш нашата стручна комисија од Министерството за здравство ќе излезе таму, да констатира што се случило. Но, пациентот е примен. Едната сала се реновира, втората функционира. Не е дека имало друг случај, па овој требало да чека. Требало притисокот да се стабилизира за да може да се оперира. Меѓутоа, дисегантна анавризма на аорта е сериозна дијагноза, рече Таравари.

Наспроти неговото тврдење, Кардиохирургија во нивното соопштение наведоа дека високиот крвен притисок на пациентот кој бил 27о со 120 веднаш му го стабилизирале со лекови во интензивната нега. Проблемот според семејството е немањето услови да се изведе операција.

 

Дека немало услови, покажува и фактот што семејството од страна на државната Клиника за кардиохирургија прво било испратено на консултации со две приватни болници што се единствени места каде што се извршуваат ваков тип процедури во државата а на крајот се дал предлог и за лекување во странство. Зошто ова би се правело ако имало сала и стент графтови и хирурзи на државна Кардиохирургија како што тврди Таравари?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот