
Може ли витаминот Д да го забави стареењето? Нова студија вели да, но има една цака
Досега е добро познато дека витаминот Д е неопходен за здравјето на коските, бидејќи му помага на нашето тело да го апсорбира калциумот. Децата, тинејџерите и луѓето со потемна кожа или ограничено изложување на сонце особено имаат потреба од соодветни нивоа за да изградат и одржат силни коски. Витаминот Д, исто така, го зајакнува нашиот имунолошки систем. Додатоците на витамин Д ги намалуваат респираторните инфекции, особено кај луѓето на кои им недостасува. Истражувањата дури сугерираат дека може да помогне во спречувањето на автоимуни заболувања како што се ревматоиден артритис, лупус и мултиплекс склероза.
Препорачано
Ги продолжува теломерите
Петгодишна студија на повеќе од илјада луѓе откри дека оние кои земале високи дози на витамин Д имале подолги теломери (Теломерите се заштитни структури на краевите на хромозомите во нашите клетки. Нивната главна улога е да ги заштитуваат ДНК молекулите од оштетување при секоја поделба на клетката), клеточен маркер за побавно стареење. Имено, додатоците на витамин Д би можеле да помогнат во заштитата на нашите хромозоми кои го забавуваат стареењето, сугерира неодамнешна студија на Универзитетот Аугуста во Америка.
– Иако овие наоди се возбудливи, прерано е да се започне со земање високи дози на витамин Д со надеж дека ќе се забави стареењето. Сепак, ако ви недостасува витамин Д, додатоците во исхраната остануваат разумен избор поткрепен со децении истражувања – пишуваат истражувачите.
Истражувачите откриле дека земањето 2.000 IU (стандардна мерка за витамини) витамин Д дневно помага во одржувањето на теломерите. Теломерите се наоѓаат на крајот од секој од нашите 46 хромозоми, и се скратуваат секој пат кога клетката се копира. Кога стануваат премногу кратки, клетките повеќе не можат да се делат и на крајот умираат.
Го ублажува воспалението
Научниците ги поврзале пократките теломери со некои од најлошите болести што доаѓаат со стареењето, вклучувајќи рак, срцеви заболувања и остеоартритис. Исто така, пушењето, хроничниот стрес, депресијата и воспалителните процеси го забрзуваат скратувањето на теломерите. Бидејќи воспалението ги оштетува теломерите, антиинфламаторните ефекти на витаминот Д би можеле да ја објаснат неговата заштитна улога. Резултатите од американската студија покажаа дека теломерите биле зачувани за 140 базни парови во групата со витамин Д, во споредба со плацебо групата. За да се стави тоа во контекст, претходните истражувања покажаа дека теломерите природно се скратуваат за околу 460 базни парови во текот на една деценија, што сугерира дека заштитниот ефект на витаминот Д би можел да биде значаен.
Ова не е прво ветувачко откритие. Некои претходни студии веќе објавија слични придобивки, а се покажа дека медитеранската исхрана, инаку богата со антиинфламаторни хранливи материи, е исто така поврзана со подолги теломери.
Во што е цаката?
Но, постојат и некои важни сознанија што треба да се земат предвид. Некои истражувачи предупредуваат дека екстремно долгите теломери всушност можат да го зголемат ризикот од болести, што укажува дека се потребни понатамошни истражувања за ефектите и дозата на витамин Д.
Исто така, не постои согласност за вистинската доза. Истражувачите од Аугуста користеле 2.000 IU дневно – многу повисоко од моментално препорачаниот внес од 600 IU за оние под 70 години и 800 IU за постари возрасни лица. Сепак, други истражувања сугерираат дека дури и 400 IU би можеле да помогнат во спречувањето на настинки. Експертите велат дека оптималната доза веројатно зависи од индивидуалните фактори, вклучувајќи ги постојните нивоа на витамин Д, целокупната исхрана и интеракциите на витаминот со други хранливи материи.
Најсилните докази за здраво стареење сè уште укажуваат на основите: балансирана исхрана, редовна физичка активност, квалитетен сон, непушење и управување со стресот, кои природно го поддржуваат здравјето на теломерите.