Никола Груевски и Сашо Мијалков
Никола Груевски и Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Може ли Стразбур да ги спаси Груевски, Мијалков и компанија?

Многу работи во нашиот правен систем се заплеткаа со таа аболиција на експретседателот, но не можеме да очекуваме дека пресудата на Европскиот суд ќе ги отплеткува, затоа што тоа е наша задача, вели поранешната судијка во Судот во Стразбур Маргарита Цаца Николовска

Треба да бидеме подготвени на сè, одлуките на Судот во Стразбур се составен дел од нашата регулатива, рече уште во февруари тогаш новиот министер за правда Никола Тупанчески, прашан за последиците од идната одлука на Европскиот суд за човекови права во врска со аболицијата од 2016 година од поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Оваа изјава на Тупанчески ќе остане актуелна сè додека Судот не ја донесе одлуката, а се шпекулира дека тоа ќе се случи во септември.

Содржината на оваа долгоочекувана пресуда е многу важна за правниот поредок во Македонија и од неа зависи дали ќе се спасат од затвор и од кривичен прогон редица државни функционери од претходната власт, за кои истраги и обвиненија поднесе сега укинатото Специјално јавно обвинителство, а потоа во 2019 година предметите ги презеде Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Некои од обвиненијата завршија со правосилни судски пресуди, па поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска веќе е во затвор, а долгогодишни затворски пресуди имаат и експремиерот Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и други.

Во јавноста се шпекулира и дека второстепениот Апелациски суд во Скопје ја чека одлуката на Стразбур пред да пресече по жалбите за предметот „Таргет-Тврдина“ во кој се пресудени 12 години затвор за Мијалков, четири години за Јанкулоска и по 15 години за Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК за масовното нелегално прислушување на граѓаните, поради кое и воопшто почна целата заплеткана правна ситуација со формирањето на СЈО, кривичниот прогон на „прислушувачите“ и аболицијата на Иванов.

Николовска: Сè зависи од образложението на пресудата

Поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека многу работи во нашиот правен систем се заплеткаа со таа аболиција на експретседателот, но не можеме да очекуваме дека пресудата на Европскиот суд ќе ги отплеткува, затоа што тоа е наша задача.

– Општо речено, Судот во Стразбур наоѓа дали има или нема повреда на некои права и го проверува тоа. Првиот тест е за проверка на законитоста – се проверува дали има закон, ако има, кој е неговиот квалитет и слично. Ако законот е добар, понатаму се оди во суштината, како е спроведен. Доколку поминат сите тестови, Судот носи одлука со која ја уважува жалбата на апликантот, односно носи пресуда дека има повреда и ќе каже во што се состои таа повреда. Од содржината на пресудата зависи што понатаму. Ако има процедурална повреда, се повторува постапката со цел да се избегнат претходно направените пропусти. Ако судот утврди суштинска повреда на некои права, повторно сè ќе зависи од тоа како е образложена пресудата. Судот во такви случаи пресудува одредена сума за надоместок на штетата што ќе се исплати на барателот, но тоа не е секогаш доволно – вели Цаца Николовска за „Слободен печат“.

Таа не сака да ја прејудицира пресудата за поранешните функционери и какви последици би имала таа за нив, но и за целиот правен поредок доколку нивната жалба биде прифатена.

– И во овој пример, од образложението ќе зависи какви потези треба да се влечат понатаму. Тоа што сега се носи нов закон со кој се уредува аболицијата, може да влијае таму во смисла дека овде се преземаат активности за доуредување на законската материја. Многу работи се заплеткаа во системот со таа аболиција и ние од сето ова треба да извлечеме поуки и заклучоци. Политичарите не треба сами да ја уредуваат правната материја, туку активно да учествуваат и теоретичарите и практичарите. Само така ќе овозможиме држава со демократија, владеење на правото и со квалитетни закони – вели Цаца Николовска.

Владата докажува дека аболицијата е ништовна

Во постапката во Стразбур, Владата се брани на начин да докаже дека аболицијата на Иванов на 56 лица од почеток е ништовна, односно дека тој се повикал на член од Законот за помилување што со години не постоеше.

Поранешниот министер за правда, а сега вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, во 2020 година одби да се спогоди со жалителите, велејќи дека помилувањата на Иванов се дадени спротивно на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните, а нивното поништување беше своевидно повторно воспоставување на нарушената рамнотежа. Тој тогаш рече дека Владата е должна ваквиот став да го брани и пред Судот во Стразбур, упатувајќи со тоа силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост.

Постапката во Европскиот суд за човекови права почна во ноември 2017 година, кога адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација за пресудата на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Следуваа уште осум апликации во кои се жалат вкупно десетмина оштетени, меѓу кои Кирил Божиновски, Киро Тодоровски, Тони Јакимовски, Миле Јанакиески, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и поранешниот градоначалник на албанската општина Пустец, Едмонд Темелко.

За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре, со образложение дека помилувањето што го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече. Тие се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена. Во прилог им оди и тоа што Иванов никогаш не беше кривично гонет за аболицијата, што остава впечаток во Стразбур дека претседателот не постапувал незаконски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот