Марван Баргути / Фото EPA/ABED Al-HAFIZ HASHLAMOUN

Може ли „палестинскиот Мандела“ да донесе мир во Газа?

Според аналитичарите, Израелците имаат можност не само да го прекинат сегашниот конфликт со Хамас, туку и да создадат основи за долгорочен мир доколку го ослободат Марван Баргути, познат како „палестинскиот Нелсон Мандела“.

Експертите велат дека тој е можеби единствениот човек во светот кој може да ги обедини двете палестински фракции и да ги води преговорите со Израел за ставање крај на конфликтот што започна на 7 октомври по терористичкиот напад на Хамас.

Барем така се надеваат неговите приврзаници, кои не се наклонети кон Хамас. Оние кои се пореални ќе кажат дека такво нешто не е можно бидејќи Баргути е во затвор од 2002 година и одлежува пет доживотни затворски казни, добиени поради предводење на напади врз Израел.

Марван Баргути / Фото EPA/ATEF SAFADI

Интересно е што Хамас, како и оние кои се против, бараат Баргути да биде ослободен од затвор. Тие исто така бараат ослободување на 6.000 палестински затвореници во замена за 242 израелски заложници.

„Секогаш кога има внатрешна криза или разгорување на односите со Израел, неговото име се споменува“, вели шефот на Институтот за истражување и студии за Медитеранот и Блискиот Исток (иРеММО), Жан-Пол Шањоло, во интервју за Франс 24.

Баргути бил на врвот на листата на оние што ги барале палестинските групи да бидат вклучени во размената на затвореници во 2003, 2007 и 2009 година.

„Палестинскиот Мандела“ е роден на Западниот Брег во 1962 година. За време на Првата Интифада, тој бил лидер на студентските протести на Универзитетот Бирзеит. Израел го депортирал во Јордан во 1987 година и му било дозволено да се врати на Западниот Брег дури во 1993 година, како дел од Договорот од Осло. Следната година тој станал генерален секретар на Фатах на Западниот Брег. За време на Втората интифада, тој, наводно, организирал напади врз Израелците, а бил обвинет и за основање на бригадата на мачениците Ал Акса, военото крило на Фатах.

„Тој беше многу активен водач на Фатах и ​​не беше убиен. Ова е важен детал бидејќи во тоа време имаше многу насочени атентати. Тој беше уапсен и не мислам дека тоа беше случајно“, вели Шањоло.

Од неговото затворање, Баргути бил активен во движењето на затворениците и објавувал различни текстови за да комуницира со надворешниот свет. На пример, тој помогнал да се подготви Националниот документ за помирување на затворениците од 2006 година, кој бил потпишан од лидерите на Хамас, Фатах, Исламски џихад, Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) и Демократскиот фронт за ослободување на Палестина (ДФЛП).

Марван Баргути / Фото EPA/ATEF SAFADI

Документот повикува на создавање палестинска држава во границите од 1967 година, палестинскиот отпор да се ограничи на териториите окупирани во 1967 година, да се почитува меѓусебниот прекин на огнот и Палестинците да го потврдат своето право да се спротивстават на окупацијата во согласност со со меѓународното право. Неговата цел била да формира коалициска влада за да излезе од ќор-сокакот предизвикан од победата на Хамас на изборите во Газа во 2006 година.

Со текот на годините, Баргути се позиционирал како единствена личност способна да ги обедини ривалските палестински политички групи.

„Тој е близок со Хамас и е личност која има способност да ги зближи луѓето и затоа имаше добри шанси да победи на парламентарните избори во 2021 година, дури и додека беше во затвор“, рече Шањоло.

Сепак, изборите никогаш не беа одржани бидејќи Махмуд Абас, претседателот на палестинската управа, ги одложи на неодредено време додека Израел не дозволи одржување на избори во Источен Ерусалим. Експертите сметаат дека вистинската причина што последните избори во Палестина се одржаа во 2006 година е тоа што Абас се плаши од губење на власта. Во последните години, Баргути беше омилена политичка фигура меѓу младите во палестинските анкети на јавното мислење, пред Абас и лидерот на Хамас Исмаил Ханије.

„Прилично сигурните израелски и палестински анкети му дадоа на Баргути сериозни шанси да го победи Абас. Сè уште има престиж кај палестинското население“, вели Шањоло.

Во август оваа година, сопругата на Баргути, Фадва, започна меѓународна кампања со повик за негово ослободување, а со години се водат кампањи за негово номинирање за Нобеловата награда за мир.

„Оние што излегуваат од затвор се украсени со ореол, тоа е еден вид обред на отпор. На крајот на краиштата, тој беше наречен палестински Мандела затоа што помина две децении зад решетки“, објаснува Шањоло.

Францускиот геополитичар и експерт за Блискиот Исток Фредерик Енсел смета дека сите тие години во затвор му дадоа на Баргути репутација на чесност, херојство и патриотизам во очите на Палестинците.

„Кога беше на чело на Фатах, тој се залагаше за сојуз со Хамас, што не беше случај со другите членови на палестинската управа“, смета Енџел.

Засега Израел не одговори на повикот на Хамас за размена на затвореници и воопшто, барем јавно, не е подготвен да преговара со терористичката организација.

„Размената на затвореници од овој тип е многу ретка. Но, доколку биде ослободен, тој би можел да игра улога во преговорите. За жал, во сегашниот хаос не гледам како тоа е можно“, смета Шањоло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот