Евроценти/ Фото: Zoonar/Stockfotos-MG, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Може ли Германија да се откаже од монетите од 1 и 2 центи?

Многу земји досега ги укинаа монетите со низок апоен. Дали и Германија, чии граѓани многу милуваат готовина, може да го следи тој пример и да ги укине најмалите монети? На некои земји од еврозоната тоа им успеа.

Некои љубови одат само до одредени граници. А љубовната врска на Германија кон готовината би можела да биде ставена на тест со монетите на еврото од еден и два центи. Идејата за укинување на овие монети постои веќе долго време и станува сè попопуларна. Неодамна, исто така, пронајде и застапници на високо ниво во групата поврзана со Бундесбанката, централната банка на Германија.

Ова се случува непосредно откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се обидува да ја принуди американската ковачница за пари да престане со ковање монети.

Што е толку лошо одеднаш со ситните пари? Нели секој има тегла полна со „ситни пари“ дома?

Што стои зад идејата за укинување на ситните пари?

Токму тие тегли за монети се еден од проблемите. Централните банки веќе долго време се жалат дека и натаму коваат монети со мала апоенска вредност, кои, меѓуоа, не се враќаат во оптек, бидејќи луѓето ги земаат како кусур, но не ги трошат активно. Или се губат некаде, или се натрупуваат дома. И тоа значи дека тие во основа се излезени од оптек.

Како последица на тоа, Европската Унија продолжува да кова сè повеќе нови монети. Според Европската централна банка (ЕЦБ), во моментов во оптек во евра има 40,1 милијарди монети од еден цент и околу 31,4 милијарди монети од два центи.

Нов поттик во Германија за укинување на монетите со мала апоенска вредност дојде од Националниот форум за готовина.

Националниот форум за готовина е група поддржана од германската централна Бундесбанк, која се фокусира на одржување на достапноста и прифаќањето на готовината како универзално средство за плаќање.

Кога станува збор за монетите од еден и два центи, групата дојде до заклучок дека тие не се потребни. Инсистирањето на точниот износ на вратени пари при купувањето е спротивставено на некои други фактори, како што се заштедите на трошоци, ефикасноста, па дури и намаленото влијание врз животната средина поради избегнување на ковањето и циркулацијата на монети.

Групата го повикува Министерството за финансии да „се заложи и да го забрза воведувањето на обврзувачко законско правило за ‘заокружување’ во Германија“, се вели во нивното соопштение за јавноста.

Кое е правилото при заокружување на готовина?

„Аргументот за чување на монети со мала апоенска вредност е ‘сметководствена совршеност’“, вели Џес Си Крафт, помошник-куратор во Американското нумизматичко друштво, организација посветена на проучување на монети и пари.

„Со оглед на тоа што повеќето земји во светот користат децимален систем што оди до стотинка од одредена единица, има смисла да се работи со монети што ја даваат основата за таа сума“, вели Крафт за ДВ.

Но, Германскиот национален форум за готовина не повикува на укинување на концептот на монети од еден и два центи, туку само на отстранување на физичките монети од оптек при плаќање со готовина.

Цената од 9,99 евра и натаму би можела да се плати електронски, но доколку истата сметка се плати во готово, ќе се применуваат правилата за заокружување.
Без монетите од еден и два центи, не би имало потреба од заокружување на најблиските пет центи. Важно е да се напомене дека нема да бидат заокружени поединечните цени, туку само вкупната сметка. Износот од 9,99 евра би бил 10,00 евра при плаќање во готово.

Некои земји веќе ги укинаа монетите

Аргументот за укинување на монетите со мала апоенска вредност е фактот дека овие монети не се економски профитабилни. „Ништо во продавницата не чини ниту цент ниту два“, потсетува Крафт.

„Доколку одредени апоени се произведуваат само за прецизност, но не можат да се користат самостојно, тогаш системот треба да се промени – не на фундаментално ниво, туку за на крајот сите монети во оптек да можат правилно да се користат“, смета Крафт.

Земјите од Албанија до Алжир, Виетнам и Замбија ги укинаа монетите со мала апоенска вредност. Австралија и Нов Зеланд, исто така. Соединетите Американски Држави престанаа да коваат монети од половина цент во 1857 година.

Канада ја укина својата монета од еден цент во 2013 година бидејќи нејзиното производство чинеше повеќе од нејзината номинална вредност. Трамп изнесе сличен аргумент за укинување на американската валута пени.

Кој веќе „заокружува“ во Европа?

Во Европа, Шведска, Унгарија и Данска веќе го користат методот на готовинско заокружување. Во рамки на еврозоната, Белгија, Естонија, Ирска, Италија, Холандија и Словачка, исто така, имаат некаков вид на заокружување на готовинските плаќања.

Истражувањето на Евробарометар објавено во декември 2024 година покажа дека нешто повеќе од 60 проценти од испитаниците во еврозоната се за укинување на монетите од еден и два центи и нивна замена со задолжително заокружување.

Поддржувачите го оправдуваат својот став како начин за намалување на производството, ракувањето, сортирањето и испораката. Други тврдат дека тоа е уште еден чекор кон укинување на готовината, или добар изговор за трговците на мало повторно да ги зголемат цените, ако ништо друго, барем за неколку центи.

Други земји можеби допрва ќе тргнат по тој пат, но наоѓањето решение на ниво на целата Европска Унија би можело да се покаже како премногу комплицирано. Постојат многу работи што треба да се земат предвид при укинување на монетите: дали постојните монетите и натаму ќе бидат законско средство за плаќање? Што ќе се случи со монетите што веќе се во оптек? Дали монетите од повеќе метали воопшто можат да се рециклираат?

Потрошувачите во Германија сè уште претпочитаат готовина

Кога станува збор за Германија, треба да се додаде и одбивноста на мнозинството нејзини граѓани кон плаќањата со картички. Сепак, Крафт не мисли дека укинувањето на монетите со мал апоен е начин за решавање на проблемот со готовината. „Овие работи се случувале и претходно и ќе се случат повторно“, вели тој.

„Една од главните причини зошто луѓето се толку силно поврзани со физичките пари е анонимноста што ја овозможуваат.“

Други стравуваат дека технологијата на која се потпираат дигиталните пари може да не функционира кога готовината е најпотребна, како на пример за време на некои вонредни состојби или можеби голем прекин на електричната енергија.

Во 2023 година, според истражувањето на Германската централна банка, готовината останала најчесто користеното средство за плаќање во Германија, каде што била користена во дури 51 процент од сите трансакции. Во исто време, употребата на готовина се намалува поради онлајн купувањето и поголемото прифаќање на картичките и методите на мобилно плаќање.

Истражувањето покажа дека просечниот германски граѓанин има околу сто евра во готово во паричникот, што е иста сума како и во претходните години. Во тоа истражување, банката не праша колку од тоа е во ситни пари.

Извор: Дојче веле/ Автор: Тимоти Рукс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот