
Може ли Европа да обезбеди 100.000 мировници за Tрамповиот план за Украина?
Додека американскиот претседател Доналд Трамп сака да обезбеди прекин на огнот во руската војна против Украина до Велигден, украинскиот претседател Володимир Зеленски бара најголема мировна сила во човечката историја за Украина.
Препорачано
Она што е нејасно и во ист момент e мистерија во натписите на светските медиуми е дали ЕУ всушност може да обезбеди 100.000 мировници за Украина долж демаркацоната линија со Руската Федерација?
Имено, зборувајќи со новинарите за време на посетата на нуклеарната централа Хмелницки на 13 февруари, Зеленски рече дека ниедно оружје не може да даде гаранции како што можат странските трупи во Украина.
– Кои се овие безбедносни гаранции? НАТО? Моќно оружје, проектили, нуклеарно оружје? Некој облик на пакет за одвраќање? Или, како што реков, ќе го изградиме НАТО во Украина. Тогаш, во реалноста, оружјето доаѓа од вас, а контингентот доаѓа од Европејците и Американците. И тој контингент нема да биде од 5.000 до 7.000, како што беше претходно предложено … ни требаат 100.000 војници таму – истакна Зеленски.
Сепак, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет веднаш ја отфрли можноста за распоредување американски војници во Украина.
За време на неодамнешната посета на Германија на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина (формат Рамштајн), Хегсет кратко и јасно одговори на новинарско прашање за можното распоредување на американските трупи.
„Не испраќаме американски војници во Украина“, посочи тој.
Сега, кога САД се извадени од равенката, останува прашањето: Дали Европа сама може да собере 100.000 мировници за распоредување во Украина?
Дали логиката зад „100.000 мировници“ звучи лудо од двете перспективи?
На хартија, меѓународните мировни сили од 100.000 луѓе може да изгледаат како најголемите во историјата. Меѓутоа, со оглед на огромната линија на фронтот меѓу Украина и Русија, тој број всушност изнесува помалку од еден вод на километар.
Должината на активната линија на фронтот во Украина е околу 1.200 километри. Кога ќе се додаде границата меѓу Украина и Русија, фронтот достигнува повеќе од 2.300 км. Исто така, бидејќи Русија планира да стационира илјадници војници во Белорусија, секоја сериозна безбедносна архитектура ќе бара распоредување на меѓународни мировни сили на украинско-белоруската граница, долга околу 1.100 километри.
Каков е европскиот придонес во мировните операции на ОН?
Бидејќи САД ја отфрлија можноста за испраќање свои сили, таквите сили ќе треба да се собираат исклучиво од европските земји, забележуваат дел од европските медиуми.
Но, доколку Европа се согласи дека ќе обезбеди 100.000 војници, тоа можеби ќе беше најголемото мирновременско распоредување во историјата на човештвото. За споредба, според податоците на ОН, вкупниот број на мировни сили на ОН ширум светот моментално изнесува околу 97.000 војници.
Од тоа најголемиот придонес во мировните операции на ОН доаѓа од Азија и Африка. Според податоците од 2024 година, најголемите придонеси доаѓаат од:
Непал – 6.247 војници
Бангладеш – 6.197 војници
Индија – 6.073 војници
Руанда – 5.919 војници
Пакистан – 4.164 војници
Најголемиот контингент на ОН во моментов има 18.500 војници во Централноафриканската Република, што значи дека Зеленски бара мисија повеќе од пет пати поголема од моменталната најголема мировна операција на ОН, што според многумина аналитичари е невозможна.
Од друга страна европските земји воопшто не учествуваат ни значително во мировните операции на ОН. Најголемите европски придонеси во 2024 година се:
Италија – 876 војници
Шпанија – 681 војник
Франција – 626 војници
Германија – 590 војници
Ирска – 493 војници
Имајќи предвид дека европските земји придонесоа само неколку илјади војници во мировните операции на ОН, идејата за обезбедување 100.000 војници за Украина изгледа крајно нереална дури и од оваа перспектива.
Може ли Европа да обезбеди 100.000 мировници?
Сепак, веќе подолго време се дискутираше за идејата за европски сили во Украина. Разговорите за испраќање војници беа рестартирани во ноември 2024 година, откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, и додека европските лидери, сочувствителни со поранешниот американски режим, продолжија да ја следат старата агенда.
Но, она што станува сè по извесно е дека Франција и Велика Британија често споменуваа можно распоредување на војници во Украина.
Ако се исклучат САД, Канада и Турција, земји кои теоретски имаат околу 1,5 милиони војници во европските земји на НАТО, бараните 100.000 војници на Зеленски сочинуваат само 6,94% од вкупните сили на НАТО во Европа.
Но повторно теоретски, доколку сите европски земји испратат 7% од своите војници, Зеленски ќе го добие она што го бара. Сепак, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи.
Многу земји имаат уставни ограничувања кои ја спречуваат употребата на нивните сили во странство. Исто така, некои ќе треба да добијат одобрение од парламентот. Полска е особено внимателна за сето ова поради историските тензии со Украина и границата со рускиот Калининград.
Каде е Велика Британија во приказната за Украина
Иако на хартија се чини дека 7% од европските сили би можеле да бидат доделени на Украина, реалноста е далеку посложена.
Аналитичарите сметаат дека мировните сили треба да бидат предводени од британски и француски војници. Сепак, поранешниот командант на британската армија Лорд Данат тврди дека Обединетото Кралство нема доволно војници.
„Нашата војска во моментов е во толку лоша состојба, и по бројност и во однос на способноста и опремата, што ова може да биде многу срамно за Британија. Доколку распоредивме 10.000 војници, ќе треба да ги ротираме на секои шест месеци, што значи дека ова би вклучувало од 30.000 до 40.000 војници. Ние едноставно ја немаме таа бројка – посочи тој.
Што е извесно и реално?
Мировните сили од 100.000 војници од европските земји не се невозможни, но за тоа би бил потребен исклучителен политички легитимитет во секоја поединечна земја и одлучност. Згора на тоа, единствениот моментално на власт во ЕУ кој всушност може да даде таква изјава со оглед на поддршката од народот што ја ужива е Виктор Орбан, кој има сосема спротивни ставови од оние што се споменати во европските центри на моќ.
САД веќе јасно ставија до знаење дека таквите сили нема да бидат опфатени со членот 5 на НАТО, додека Русија предупреди дека сите меѓународни сили во Украина без мандат од ОН ќе бидат легитимна цел на руската војска.
Останува дилема дали ЕУ ќе продолжи да спроведува таква налудничава агенда останата од поранешната администрација во САД и ќе испрати толку масовен воен контингент во воена зона или ќе се најде некои компромисно решение прифатливо за Москва.