Кампања „Магијата е во знаењето“/Фото: МОН

МОН: Со кампањата „Магијата е во знаењето“ одбележан Светскиот ден на учителите

Со кампања за подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството, Министерството за образование и наука денеска го одбележа 5 Октомври – Светскиот ден на учителите.

Кампањата „Магијата е во знаењето“ почна со две тематски панел-дискусии посветени на институционалниот пристап кон образованието, статусот на наставниците, нивните предизвици и потреби, како и начинот на кој општеството ги вреднува нивната посветеност и влијание.

Како што информира МОН, во присуство на стотина претставници на академската и наставничката заедница, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, деканката на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и претседателката на Сојузот на просветни работници на Македонија, Лидија Николовска-Георгиевска, испратија порака дека „токму наставниците се херои на нашето време, тие не носат наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност, ја создаваат вистинската магија – ја пренесуваат светлината на знаењето кон младите“.

Честитајќи им го празникот празник на сите просветни работници, наведува МОН во соопштението, министерката Јаневска им порача дека се исклучително важни во обликувањето на иднината на нашите деца и на државата и „токму затоа институциите заедно со партнерските организации се трудат да го подобрат нивниот општествен и економски статус и да го вратат дигнитетот на наставничката професија“.

-Да бидеш наставник не е само обична професија. Наставникот е човекот кому родителите му го доверуваат највредното што го имаат, за да му ја обликува иднината, односно да му пренесе знаења и вештини кои се применливи, во чекор со времето, со науката, технологијата и потребите на пазарот на труд. И токму тука почнува улогата на образовните политики кои треба да обезбедат подготвен, мотивиран наставник, со морален и интелектуален авторитет, кој ќе успее да ја стекне довербата на учениците, да ги интригира и да им овозможи да го реализираат полниот потенцијал – рече Јаневска.

Посочи дека Владата ќе продолжи посветено да ја поддржува наставничката заедница и да отвора нови можности за нивниот развој, како и напредок на македонскиот образовен систем.

-Ќе потсетам дека во изминатите 15 месеци, платите на наставниците во училиштата пораснаа за 12 проценти, на универзитетските професори за 14 проценти, овозможивме кариерен напредок во звања советник и ментор и на наставниците и на стручните соработници. Спроведовме бројни обуки за професионална надградба и значително ги подобривме условите за работа со вложени над 67 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура, потенцираше министерката, додавајќи дека ова се политики кои носат просперитет и подобри времиња за наставниците во Македонија и ќе продолжат да се имплементираат и надградуваат.

Во рамки на првиот настан од кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година кои, како што беше истакнато, претставуваат чин на јавно признание, но и симбол на поширока заложба за градење општество кое активно ја поддржува и вреднува улогата на воспитувачите, наставниците и стручните соработници.

Признанијата ги добија Елеонора Костоска-Јованоска – воспитувач во ЈОУДГ „Наша Иднина“ во Прилеп, Фросина Ангелова – педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје, Сузана Ќелешоска – наставник по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа во Струга; Наташа Тодоровска – наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, Маја Митевска-Поцева – наставник по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, Павлинка Вељаноска – наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино, Милица Патраклиева – наставник по географија во ОУ„Лазо Трповски“ во Скопје. Аница Б. Златевска – психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска – наставник по информатика во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.

-Покрај пораките што преку медиумите и социјалните мрежи ќе се споделуваат за важноста на наставниците и на знаењето кое го пренесуваат, во рамки на кампањата ќе се реализираат и повеќе стручни собири, панел-дискусии и работилници низ кои МОН ќе допре до секој ученик, родител и наставник, а сите заедно ќе го вратиме сјајот и достоинството на најважната професија, соопшти Министерството за образование и наука

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот