Печатење учебници/Фото: МОН

МОН: Испораката на учебниците завршува деновиве

Испораката на учебниците завршува деновиве, а електронскиот дневник функционира без проблеми, преку соопштение истакнуваат попладнево од Министерството за образование и наука.

– Министерството за образование и наука реагира на прес-конференцијата на политичката партија СДСМ од каде со истите, препишани лански соопштенија се обидуваат да девалвираат нешто што е добро сработено сега, а требало токму тие да го сработат во изминатите седум години. За жал, четири нивни министри не успеаја да обезбедат нови учебници, ниту пак да го унапредат електронскиот дневник со кој наставниците имаа големи предизвици до оваа учебна година – пишува во соопштението.

Оттаму додаваат дека учебници има за сите ученици.

– Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години. Најголем дел од тиражот, над 90 отсто се испорачани, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосно испораката. Понатаму, планот за распределба на учебниците кон ученици го прават училишните раководства и персоналот – се додава во соопштението.

По однос на новиот електронски дневник, информираат дека тој е изработен со поддршка од Европската Унија преку ИПА-фондовите, тестиран бил заедно со корисниците и функционирал одлично.

– Во системот веќе се евидентирани повеќе од 250 илјади корисници – наставници, класни раководители, директори и администратори. Веќе се внесени повеќе од 90 проценти од податоците за учебната 2025/2026 година. Над 15 илјади паралелки се креирани, а класните раководители внесоа над 3.000 распореди. Податоците од старите системи се пренесени во новиот систем – се потенцира во соопштението.

Од почетокот на користењето на системот, како што се додава, нема никакви предизвици, а Министерството било постојано на располагање за каква било потребна корисничка и техничка поддршка преку службена е-пошта.

– Функционалноста на е-дневникот се проверува многу едноставно, од страна на кој било граѓанин, електронски со пристапување кон линкот https://ednevnik.edu.mk . Лесно можат и СДСМ да проверат. Но, болката им е неуспехот од изминатите години кој ги одведе во опозиција, па оттука и ваквите паушални обвинувања за да создадат слика дека сите се исти како нив. Потсетуваме, четири министри за образование се сменија во мандатот на претходната Влада и никој ниту обезбеди учебници, ниту активираше функционален електронски дневник – се додава во соопштението на Министерството за образование и наука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!