
„Момчето во кутијата“: По 60 години се открија детали за една од најпознатите мистерии во САД
Повеќе од 60 години откако момче беше пронајдено мртво во кутија во Филаделфија, научниците го идентификуваа детето користејќи ДНК, соопшти полицијата.
Препорачано
Во случај кој би станал познат како „Момчето во кутијата“, детето било пронајдено завиткано во ќебе во картонска кутија во шумска област во североисточна Филаделфија на 25 февруари 1957 година, велат од Националниот центар за Исчезнати и експлоатирани деца.
Од центарот соопштија дека момчето имало неколку лузни на телото и дека косата му била насилно исечена, раскажува Си-Ен-Ен. Се проценува дека момчето имало меѓу четири и шест години. Тоа тежело околу 13 килограми и изгледало неухрането, се вели во тогашните извештаи на центарот.
„И покрај бројните обиди да се идентификува детето во текот на годините, идентитетот на момчето остана мистерија. Преку детективска работа и ДНК анализа, полицијата конечно успеа да го идентификува детето“, соопшти полицискиот оддел во Филаделфија.
Полицијата се уште не го објави името на момчето. Случајот „Момчето во кутија“ е најстарото нерасчистено убиство во Филаделфија. Полицијата се уште трага по убиецот на детето, а има награда од 20.000 долари за информација која ќе доведе до апсење и осуда во случајот.
Градските власти на 8 декември одржуваат прес-конференција на која ќе разговараат за новиот развој.