
Молчелив плурализам за работничките права: Броиме 82 синдикати, но најголемиот дел ги „боли грлото“
Демократизацијата на синдикалното движење според препораките на меѓународните организации е сведена на меракот на Владата да се молчи и да не се бранува. Затоа и цели седум години не е донесен новиот Закон за работни односи, кој според синдикалците „да беше дете, досега ќе тргнеше во прво одделение“
Самостојни, независни, грански, мултиетнички, организирани како унии, конфедерации, асоцијации… Македонија може да се пофали со извонреден синдикален плурализам, а Регистарот на Министерството за економија и труд брои дури 82 запишани борци за работничките права.
Препорачано
Многумина не слушнале за добар дел од нив, оти и не се баш најактивни, а се појавуваат во ретки пригоди. И по своевидниот упад во Законот за работни односи, од летоска со симнат праг на репрезентативност од 10 на 5 отсто, освен ССМ, можност да им се чуе гласот на Економско социјалниот совет добија уште два – Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Но, битката на фронтот за повисок минималец и зголемување и на другите плати, остана да ја води само ССМ, додека другите ги „боли грлото“. А, со тоа јасно и гласно треба да се каже дека демократизацијата на синдикалното движење според препораките на меѓународните организации е сведена на меракот на Владата да се молчи и да не се бранува. Затоа и цели седум години не е донесен новиот Закон за работни односи, а како што вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ „да беше дете, досега ќе тргнеше во прво одделение“.
– Покрај правата за синдикално организирање и нивното функционирање, многу е побитно да зборуваме за работничките плати и губењето на работните места. ССМ во изминатиот период активно се бори, покрај тоа што водиме социјален дијалог, не се откажуваме и од штрајковите и протестите. Сметаме дека минималната плата мора да се зголеми и тоа ни е приоритет. Годинава ССМ има организирано 22 протести и два штрајка. По пат на социјален дијалог се обидуваме да нè слушнат креаторите на економските политики и газдите, но денес сме октомври, а во октомври во Србија минималната плата е 500 евра, а ние имаме избори и 397 евра минималец. Мислам дека работниците треба да ја дадат поддршката на сите синдикати во борбата за зголемување на платите. Сметаме дека работниците треба да се им се приклучат на синдикатите, оти нашата сила е во бројноста, наспроти моќта и капиталот на работодавачите и наспроти политичката моќ која ја има Владата – објаснува Трендафилов.
Најдобрата споредба, за тоа како и работниците се однесуваат кон синдикатите, е дека не ги барате сè додека не „дојде нож до коска“, вели претседателот на ССМ.
– Синдикатите се организација како докторите, не ви требаат сè додека не се разболите. Но кога ќе се разболите, веројатно ќе биде премногу доцна. И наместо да спречите, ќе треба да лечите. Еве една илустрација, во Синдикатот за текстил во ССМ имаме само 1.300 члена, а нешто е слична состојбата и во „Петта сила“, а во секторот има најмалку 25.000 работници. Но, најголемиот дел од нив не чувствуваат потреба од синдикатот сè до оној момент додека не им завршат договорите на определено време или ги манипулирале да ги склучат и сè до оној момент додека газдите не си заминат и тогаш им текнува дека има организации што ќе им ги гарантираат нивните работнички права. Тоа докажува дека во Македонија нема социјален дијалог – резигниран е Трендафилов.
Според претседателката на најмладиот синдикат „Петта сила“, постојано се зборува за независноста на синдикатите, но и таа не ја крие својата разочараност од раслојувањето меѓу борците за работничките права во земјава.
– Сега веќе имаме пет конфедерации, меѓутоа гледаме дека само ние и ССМ сме за зголемување на платите и за штрајкови, за подобрување на условите за работа, за нискиот стандард, додека другите никаде ги нема и станаа продолжена рака на други структури. За жал, синдикатите во изминатиот период ја загубија довербата кај граѓаните, а сега се обидуваме да ја вратиме. Но и работниците сносат дел од вината, ни доаѓаат само кога имаат потреба нешто да им решиме – додава Ампева.
Мартин Ефремов од Независниот полициски синдикат е на ставот дека синдикалниот плурализам постои од деведесеттите години и тоа само на хартија, кога ѝ треба на одредена политичка партија.
– Има секакви синдикати, леви или десни, но немаме чиста законска регулатива и тука оставаме простор некои синдикати да не бидат признаени со години, бидејќи работодавачите немаат обврска да ги прифатат како репрезентативни. Ако го оставиме ваквиот нерегулиран простор, синдикатите никогаш нема да бидат независни, бидејќи имаме многу компании во кои работодавачите немаат обврска да прават задршка на синдикалната членарина. Инаку, сите заедно сме виновни што до денес нема солидарност меѓу вработените, синдикатите се тие што треба да бидат проактивни – оцени Ефремов.