Моќта на билките: Излекувајте ги хемороидите со масло од кантарион

Кантарионот е повеќегодишно растение, кое на овие простори се користи од многу одамна. Оваа лековита билка се пие како чај, со кој се лекуваат одредени внатрешни заболувања. Сепак, познавачите на ова растение знаат и дека кантарионот може да се користи и за надворешна употреба, а најпознат е како моќна билка што помага во заздравување на раните, добиени при различни повреди, изгореници или како лек за хемороиди.

Кантарионот расте по ливади, но и по камени предели, а цвета од мај, па сѐ до крајот на август (во зависност од поднебјето). Билкарите го користат овој период од годината за да соберат од ова растение, кое понатаму можат да го употребуваат во текот на целата година.

Здравствени придобивки

Чајот од кантарион е застапен во секој дом и тоа со право. Лековитите моќи на ова растение се сестрани. Во минатото, но и денес, кантарионот се користи во народната медицина како антидепресив, седатив и антибиотик.

Ефикасните лековити својства на ова растение ѝ се припишуваат на активната состојка – хиперицин, која има противвоспалително, смирувачко и регенерирачко дејство.

Во составот на кантарионот, меѓу другото, содржани се и железо, етерични масла, смола, каротен, колин и витамин Ц, а се карактеризира со специфичен мирис и горчлив вкус.

Лековитите моќи на ова растение, на овие простори се познати од многу одамна. Чајот од кантарион е одличен за исфрлање на шлајмот од белите дробови, ги намалува грчевите во стомакот, ја подобрува крвната слика, помага во регенерирањето на слезината и во решавањето на проблемите поврзани со мокрењето.

Покрај тоа што може да се користи самостојно, оваа лековита билка може да се консумира и во комбинација со други растенија, со што значително се интензивира нејзиното лековито дејство.

Кантарионово масло

Маслото од кантарион е „задолжителен“ народен лек на овие простори. Тоа се користи за внатрешна и за надворешна употреба.

Неговата подготовка се прави сега, за време на летните месеци. Доколку сакате да подготвите кантарионово масло, потребно е да имате свежа билка и маслиново или сончогледово масло.
За подготовката на овој лек, размерот меѓу билката и маслото треба да е 100 грама кантарион на 1 литар масло. Цветовите се оставаат да отстојат преку ноќ. Потоа се ставаат во проѕирно стаклено шише и се преливаат со маслото. Шишето се прекрива со газа и се врзува со гумичка. Се остава да отстои 40 дена на сонце. Потоа маслото се цеди со газа, се собира во темни шишенца и убаво се затвора. Маслото не се остава да стои во фрижидер.

Вака подготвеното масло, се користи за зацелување отворени рани, намалување на болката при изгореници, но и како лек против хемороиди. Ова масло се користи така што се нанесува директно на болното место.

Сепак, иако малкумина знаат, кантарионовото масло се користи и за внатрешна употреба. Тоа се разредува со вода и се пие против паразити.

Вкусен чај за секого

Добро познатиот чај од кантарион се подготвува така што во зовриена вода се ставаат неколку гранчиња од ова лековито растение. Се остава да отстои билката во водата неколку минути, а потоа се процедува.

Вака подготвениот чај може да се пие неколкупати во текот на денот и помага во комплетното регенерирање на внатрешните органи.

Доколку користите кантарион во ќесички, тогаш придржувајте се кон упатството за употреба. Ако сакате самите да ја наберете оваа билка, во тој случај наберете ја од еколошки чиста средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот