Фото: designer491 / Alamy / Profimedia

Моќна дијагностичка алатка: Едноминутна танцова игра точно идентификува аутистични деца

Тим на научници верува дека откриле нов, брз и едноставен метод што може да помогне во дијагностицирање на деца со аутизам. Во нивната студија, користејќи едноминутна видеоигра, беше можно точно да се разликуваат аутистичните деца на возраст од 7 до 13 години од невротипичните деца со 80 проценти точност.

„Според мене, нашите сегашни методи за дијагностицирање аутизам и АДХД повеќе не се соодветни. Имаме премногу долготрајни тестови кои се базираат или на самоизвештај или на набљудувања за тоа колку се вклопувате во општеството, што е по природа субјективно“, изјави д-р Бахар Тунчгенч од Универзитетот Нотингам Трент за „ИФЛ саенс“.

„Нашите здравствени системи очајно имаат потреба од објективни, брзи и исплатливи методи со цврста научна основа. Се надеваме дека во иднина CAMI може да ги надополни постојните методи за поддршка на клиничките проценки.“

Тунчгенч и нејзиниот тим, во кој учествуваат и научници од Институтот Кенеди Кригер во Мериленд, Универзитетот Џонс Хопкинс и Универзитетот на Пенсилванија, се надеваат дека нивниот нов пристап може да помогне во намалувањето на овој јаз. Освен што точно ги идентификуваа аутистичните деца од нивните неаутистични врсници, исто така беа во можност да направат разлика помеѓу аутизмот и АДХД со 70 проценти точност. Ова е важно бидејќи овие две состојби често се преклопуваат.

„Аутизмот и АДХД се јавуваат заедно кај 50-70 проценти од случаите. Бидејќи двете состојби главно се дијагностицираат врз основа на однесувачки набљудувања, дијагнозата не само што трае долго, туку е и подложна на грешки. А тоа е проблематично, бидејќи иако аутизмот и АДХД имаат сличности, патиштата за третман може да бидат многу различни“, објасни Тунчгенч.

Во студијата учествуваа 183 деца кои беа замолени да копираат танцови движења изведени од видео аватар – слично на ТикТок танцовите предизвици. Тие требаше да ги имитираат движењата само една минута, додека нивниот настап беше сниман со камери поставени пред и зад нив. Претходно развиен алгоритам наречен CAMI (Computerized Assessment of Motor Imitation) потоа доделуваше оцена помеѓу 0 и 1, при што 1 означуваше совршена имитација на видео аватарот. Секое дете го повторуваше тестот двапати, а беа користени и други стандардизирани дијагностички тестови.

Според истражувачите, токму употребата на моторна имитација во дијагностиката го издвојува ова истражување.

„Аутизмот традиционално се поврзува со социјално-комуникативни потешкотии, како тешкотии со одржување контакт со очи или разбирање на социјални норми, или пак со ограничени и повторливи однесувања, како нишање или интензивен интерес за една тема“, изјави Тунчгенч за „ИФЛ саенс“

„Но, истражувањата сè повеќе покажуваат дека аутистичните лица имаат сензорни и моторни потешкотии, а некои проценки укажуваат на тоа дека 88 проценти од аутистичните луѓе искусуваат некаков вид на моторна потешкотија.“

Но, една од најголемите предности на овој пристап е тоа што тестот всушност е забавен. Ако имате некое дете од генерацијата Алфа во вашето опкружување, тогаш знаете колку привлечни можат да бидат онлајн танцовите трендови.

„Најмногу ме воодушеви тоа колку децата уживаа во задачата со CAMI. Ретко се случува да направите студија со деца, а тие да сакаат ‘уште еднаш да ја пробаат. Навистина е наградувачко да видите дека создадовме нешто што не само што е исклучително точно и корисно, туку и носи насмевка на лицата на децата!“, рече Тунчгенч.

Тимот е ентузијастички настроен кон иднината на CAMI и планира дополнителни истражувања со поразновидни групи луѓе. Сепак, ова е сложена клиничка област.

„ИФЛ саенс“ разговараше и со британската добротворна организација Национално здружение за аутизам, која изрази загриженост за пристапот користен во студијата.

„Додека ни се потребни решенија за огромната побарувачка за дијагностицирање на аутизам, не смееме да правиме компромиси кога станува збор за точноста. Дијагнозата треба да биде темелен процес спроведен од квалификувани професионалци, кои внимателно ќе ги разгледаат силните страни, предизвиците и потребите на лицето“, изјави Анушка Патенден, менаџер за истражувачки партнерства и учество.

„Загрижувачки е што ова истражување сугерира дека аутистичните деца треба да имитираат други како дел од нивниот развој. Знаеме дека маскирањето всушност може да има разорен ефект врз менталното здравје, чувството за сопствената личност и пристапот до дијагноза“.

Маскирањето е термин што се однесува на тоа како невродивергентните луѓе ги потиснуваат своите природни однесувања за да изгледаат како невротипични, било свесно или несвесно.

„Не веруваме дека оваа студија има доволна тежина за да има клинички импликации“, додаде Патенден.

Додека авторите на студијата планираат понатамошни истражувања, Тунчгенч изјави за „ИФЛ саенс“ дека веќе „со нетрпение очекуваат разговори со клиники што ја гледаат корисноста на овој пристап во нивната практика“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот