
Митовски: Водата од Крива Река е токсична и не може да се користи под никакви околности
„Анализите покажуваат дека водата во Крива Река е класифицирана во најлошата, V класа на загаденост, што укажува на тоа дека е токсична и не може да се користи под никакви околности“, изјави денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Препорачано
Тој ја истакна итната потреба од реакција на надлежните институции, нагласувајќи дека резултатите од испитувањата се исклучително загрижувачки.
„Според добиените резултати, концентрацијата на олово во водата достигнува 36,65 микрограми на литар, што е речиси четири пати повисоко од максимално дозволеното ниво. Концентрацијата на кадмиум е повеќе од 20 пати над дозволената граница, а присуството на манган и цинк е исто така загрижувачки. Матноста на водата изнесува 170 NTU, што е значително над дозволените 10, а суспендираните материи се над 7.876 микрограми на литар – повеќе од 120 пати над дозволеното“ изјави Митовски.
Митовски ја постави под сомнение официјалната изјава на компанијата „Булмак 2016“, која управува со рудникот „Тораница“.
„Не е јасно како компанијата може да тврди дека хаваријата во нивниот рудник нема никаква врска со загадувањето, кога анализите недвосмислено покажуваат присуство на метали што се користат во нивниот производствен процес“, истакна тој.
Општината Крива Паланка веќе поднесе кривична пријава, а Митовски побара од Јавното обвинителство да постапи без одложување.
„Очекуваме институциите да реагираат соодветно и итно, за да се спречи натамошна еколошка катастрофа“, додаде тој.
Во меѓувреме, локалните еколошки организации предупредуваат дека загадувањето има сериозни последици врз биодиверзитетот и водниот екосистем. Според нив, ако не се преземат итни мерки, Крива Река може да стане мртва река.