
Мистерија стара 50 години: Откриен идентитетот на човекот од култниот албум на „Лед зепелин“
За обожавателите на музичката група „Лед зепелин“, тоа е многу препознатлива слика – човек со бела брада се наведнува, држејќи плетен сноп на грбот, а истовремено се потпира на стап.
Препорачано
Но, потеклото на фотографијата, која го формира централното парче на познатиот омот на четвртиот студиски албум на култната рок група, познат како „Лед зепелин IV“ остана мистерија повеќе од половина век, пишува „Гардијан“.
Сега е откриено дека станува збор за фотографија, настаната во доцниот викторијански период, на која има кровопокривач од Вилтшир, Англија. Брајан Едвардс, гостински научен соработник во регионалниот центар за историја на Универзитетот во Западна Англија, изјави дека наишол на сликата во албум со фотографии, за време на истражувањето за изложбата во музејот „Вилтшир“, на која работел во 2021 година.
Неговото истражување вклучувало следење на секојдневните извори кои го охрабрувале јавниот ангажман со историјата на Вилтшир, од слики и фотографии до артефакти. Тој барал стари фотографии од Стоунхенџ, а потоа наишол и на онаа која ја прослави британската рок група.
„’Лед зепелин’ создаде звук кој е со мене уште од моите тинејџерски години, па се надевам дека откривањето на оваа викторијанска фотографија ќе ги задоволи и забавува Роберт, Џими и Џон Пол (членовите на групата)“, рече Едвардс.
Издаден пред 52 години, поточно на 8 ноември 1971 година, „Лед зепелин IV“ се продаде во повеќе од 37 милиони примероци ширум светот и ja вклучува една од најпопуларните песни на групата – „Stairway to Heaven“. На омотот на албумот нема никакви индикации за името или насловот на музичката група. Омотот е следен – на оштетениот ѕид на делумно урната куќа во предградието виси врамена фотографија на наведнат човек.
На задната страна на омотот има блок станови, за кој се смета дека е кулата Салисбери во Лејдивуд, Бирмингем. Се претпоставува дека пејачот на групата, Роберт Плант, ја пронашол фотографијата во продавница за антиквитети во Пангбурн, Беркшир, во близина на домот на гитаристот Џими Пејџ.

Идентитетот на човекот
Оригиналната слика била откриена во викторијанскиот албум со слики насловен „Сеќавања од посетата на Шафтсбери. Витсунтајд 1892 година. Подарок за тетка ми, од Ернест“. Тој содржи повеќе од 100 архитектонски и улични сцени и неколку портрети на рурални работници од Вилтшир, Дорсет и Сомерсет.
По дополнително истражување, Едвардс открил дека тоа е Лот Лонг, кој е роден во 1823 година, а починал во 1893 година. Во времето кога е направена фотографијата, Лот бил вдовец кој живеел во мала куќарка на Шафтсбери роуд.
Фотографијата е направена од Ернест Хауард Фармер, кој бил првиот раководител на фотографското училиште во Политехничкиот факултет Регент Стрит, кој сега е дел од Универзитетот во Вестминстер. Оригиналната фотографија сега се наоѓа во музејот Вилтшир во Девизес, а треба да биде изложена на јавноста во пролетта 2024 година, заедно со другите фотографии направени во исто време.
Директорот на музејот, Дејвид Досон, изјави дека на овој начин ќе го прослават делото на Ернест Фармер, кој денес е речиси непознат, но секако е еден од водечките фигури во развојот на фотографијата како уметничка форма.
„Во текот на изложбата ќе покажеме како Фармер го долови духот на луѓето, селата и пејзажот на Вилтшир и Дорсет, кои биле толку контрастни со неговиот живот во Лондон. Фасцинантно е да се види како ‘Лед зепелин’ ја разви оваа тема на рурален и урбан контраст и како тој стана фокус на култниот студински албум“, рече Досон.