
Министрите и судската администрација уште не се сретнале, во четврток марш во Скопје
Вработените во судовите и во обвинителствата не се задоволни од „брзината“ со која „работи“ работната група која треба да ги реши нивните проблеми, за чие формирање Владата донесе одлука на 3 октомври, а на 16 октомври таа сè уште ниту еднаш не се состанала. Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) очекуваат првиот состанок да се случи во текот на оваа недела и решението за зголемени плати и додатоци да се најде брзо, а во спротивно ќе се радикализираат и штрајкот и протестите.
Препорачано
Моментно администрацијата во обвинителствата е во штрајк и работат само на итните и неодложни предмети, заради што трпи работата во јавните обвинителства. Администрацијата во судовите, пак, работи, но и тие ќе стапат во штрајк ако нема брзо решение.
Во четврток сите заедно повторно ќе протестираат и ќе маршираат по скопските улици, од ССМ, до Собранието, Министерството за правда и до Владата и ќе бараат покачување на платите од 78 отсто, со што, како што велат, просечната нето-плата на административците во судовите и во ЈО ќе биде околу 25.000 денари, што е длабоко под просечната нето-плата во државата која изнесува 36.000 денари.
Неофицијално, за да се состане владината работна група се чекаше министерот за правда Кренар Лога да се врати од службениот пат во САД. Во групата, која е формирана на иницијатива на министерот Лога ќе учествуваат и министерот за финансии, министерот за информатичко општество и администрација и вицепремиерот за економски прашања. Тие заедно со претставници од Синдикатот на УПОЗ треба да најдат решение за барањата и за состојбите во правосудниот сектор.
„Владината одлука следува откако од страна на Министерството за правда е информирано дека на разговори со Синдикатот на УПОЗ е изразена определба од двете страни да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства. Со денешниот заклучок практично е овозможено непречено функционирање на правосудниот систем во текот на разговорите меѓу работната група и Синдикатот на УПОЗ“, се вели во соопштението на Владата за решението со кое извршната власт привремено „го спречува пожарот“, односно купува време пред растечкото незадоволство на вработените во судските и обвинителските стручни служби.
А овие работници се категорични дека нема да прифатат ништо помалку од 78 отсто покачување на платата, како и исплата на надоместоците на плата, зголемени за 35 отсто.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски за „Слободен печат“ вели дека на првата средба ќе бараат да се дефинираат рокови, односно работната група да ја заврши работата за најмногу 10 дена.
– Ако не се договориме и не ги прифатат нашите услови штрајкот во обвинителството ќе продолжи на поригорозен начин и нема да се работат никакви работни задачи, а на штрајкот ќе се приклучат и вработените во судовите и правобранителството, што би значело дека целото правосудство нема да извршува никакви работни задачи. Очекуваме со министрите да имаме добри и плодни преговори. Во спротивно, освен прекин со работата ќе блокираме и други институции, штрајкот ќе станува сè поригорозен, а имаме најави дека на штрајкот ќе се приклучуваат и други државни органи – вели Деаноски.

На претходниот марш на овие вработени истакнаа дека тие премногу работат и „создаваат“ пари кои се слеваат во државниот буџет, а Министерството за финансии не ги враќа тие пари во правосудството туку ги распределува на други министерства и институции. Истакнаа дека годинава само од такси Граѓанскиот суд Скопје наплатил 3.7 милиони евра. Лани, пак, Кривичниот суд за парични казни во сите одделенија и за уверенија за неосудуваност наплатил околу два милиони евра.
Од Синдикатот истакнуваат и дека во Законот за судски буџет е предвидено дека за функционирање на судската власт се утврдува износ од најмалку 0,8 проценти од Бруто домашниот производ, а во пракса правосудството не ги добива тие пари. Велат дека не бараат нешто посебно од Министерство за финансии, туку ги бараат средствата „кои се доделени со закон“.
Вработените во правосудтсвото велат и дека порано еден службеник работел со еден судија, а денес еден работи со четворица судии. Од друга страна, еден судија зема плата колку пет-шест службеници. Велат и дека платата на записничар е 18.000 денари, на доставувач е 20.000 денари.

Синдикатите бараат и во итна постапка да се донесе законот за јавно обвинителска служба, бидејќи со него се регулира висината на платата, како и додатоците на платата.
Неодамна и првиот човек на Судскито совет Сашко Георгиев предупреди дека ако нема покачување на платите и не се исплатат додатоците на судската амдинистрација можна е комплетна блокада на судството.