Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени во „Монструм“

Министерството за правда: Барањето за екстрадиција од Косово за уапсениот Демири од 2018 година сè уште е активно, на потег е надлежниот суд

Министерството за правда ќе превземе активности  во врска со уапсениот Алил Демири во Косово, кој е осуден во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.  Оттаму велат дека барањето за екстрадиција од 2018 година сè уште важи и надлежниот суд сега е одговорен за текот на натамошната постапка.

– Министерот за правда Кренар Лога во текот на вчерашниот ден беше известен од МВР дека лицето Алил Демири е лишено од слобода во Косово. За сите активности кои ќе ги преземе Министерството за правда ќе бидете навремено информирани – велат од Министерството.

За лицето Алил Демири, додаваат оттаму, се побарани две екстрадиции.

– Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово во јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 05.09.2018 година. Во постапките, сè што беше побарано од косовските власти беше доставено.
Одговор за екстрадицијата од 2018 година не е добиен. Екстрадицијата од 2018 година е сè уште активна – велат од Министерството за правда.

Освен дали ќе бара екстрадиција на Демири од косовските власти, „Слободен печат“ го праша Министерството за правда дали министерот Кренар Лога ќе изврши на „трампа“ со 29-те затвореници осудени за „Диво Насеље“ кои ја издржуваат казната во затворот Идризово и кои со години бараат да ја издржуваат во Косово, од каде што потекнуваат, има ли нови такви барања од затворениците и од косовската страна и кој би бил одговорот на Министерството за правда во случај да стигне и такво барање.

Алил Демири е еден од двајцата бегалци осудени за тероризам и петкратното убиство кај Смилковското Езеро и вчера беше уапсен од косовската полиција, по меѓународна потерница распишана од МВР. Освен Демири, потерница има и за Африм Исмаиловиќ, кој сè уште не е достапен за органите на прогонот.

Македонската полиција вчера го потврди апсењето на Демири.

– Денеска (24.08.2023) полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од македонското МВР, баран врз основа на наредба на Основниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело „тероризам” предвидено по член 394 од Кривичниот закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смилковското Езеро – соопшти МВР.

Според информациите од косовската полиција се очекува Демири да биде изведен пред надлежен судија.

Кај Смилковско Езеро во 2012 година беа убиени Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски. Случајот е познат како „Монструм“, а на доживотен затвор се осудени Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор е осуден Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Обвинетиот Сами Љута беше ослободен од обвинение.

Увид по масакрот кај Смилковско Езеро

Двајцата бегалци подолго од деценија ја избегнуваат правдата во Северна Македонија и се кријат во Косово, а косовските власти досега не одговорија позитивно на македонските барања за нивна екстрадиција, со образложение дека Косово не екстрадира свои државјани. Демири и Исмаиловиќ, освен косовско, имаат и македонско државјанство. Демири еднаш беше уапсен во Косово за нелегално држење оружје и таму ја одлежа затворската казна за тоа дело. Приштина по неговото излегување од затвор не го испорача и изрази сомнежи за првиот судски процес за „Монструм“. И на повторното судење за случајот „Монструм“ Демири беше осуден на доживотен затвор за тероризам.

Првото судење беше поништено од Врховен суд по објавувањето на бомбите на Зоран Заев, а на второто судење доказите на Специјалното јавно обвинителство повторно беа прифатени и беше потврдена доживотната казна за Демири, како и за Исмаиловиќ, на кои им беше судено во отсуство.

Министерот Лога пред пет месеци истакна дека кумановската група осудени за „Диво насеље“ ќе биде трансферирана на доотслужување на затворската казна во Косово ако им бидат уредни барањата и ако за тоа има согласност и од Македонија и од Косово. Лога тогаш најави дека најмалку 10 чекори ја делат кумановската група до екстрадиција во Косово. Тие се осудени за тероризам за настаните во Куманово од 9 до 10 мај 2015 година, во кои загинаа осум полицајци., и од 29 осудени, седуммина имаат казни доживотен затвор, а 13-мина имаат казни затвор од 40 години.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, пред неколку дена рече дека не може да се разговара за екстрадиција на луѓе кои сакаа да ги нарушат мирот и стабилноста на државата, како коментар на барањето на осудените за „Диво Насеље“ за екстрадиција во Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот