Сања Божиновска / Фото: Министерство за енергетика

Министерството за енергетика ги отвори вратите за студентите од Машинскиот факултет за пракси, проекти и дијалог

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, потпиша Меморандум за соработка со Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел зајакнување на врските меѓу институциите, отворање на нови можности за студентите и унапредување на практичната настава. Документот, како што соопштија од Министерството, го потпишаа министерката Божиновска и деканот на Факултетот, проф. д-р Златко Петрески.

Со овој Меморандум се создаваат услови за студентски пракси во Министерството, заедничко учество во проекти, како и организирање на работилници, обуки и конференции. Дополнително, документот отвора пат за долгорочна соработка во областа на енергетиката, машинството и иновациите, како и поголема вклученост на студентите во процесите кои ја обликуваат иднината на енергетскиот сектор.

„Нашата заедничка цел е младите инженери да добијат што повеќе реални искуства уште за време на студиите. Вратите на Министерството се отворени за нив – преку пракси, проекти и дијалог сакаме да создадеме генерации кои ќе бидат подготвени да одговорат на предизвиците на енергетската иднина, истакна министерката Божиновска.

Деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, ја нагласи важноста на ваквиот чекор, посочувајќи дека ова е силен импулс за факултетот и за студентите, кои сега ќе имаат повеќе можности за практична надградба на знаењата.

По повод почетокот на академската година, на Машинскиот факултет беше одржан и мини академски час, на кој министерката Божиновска имаше прилика да се сретне и разговара со студентите. Студентите изложија кои се нивните очекувања од студиите, што би сакале да се подобри во практичниот дел на наставата и на кој начин институциите можат да им помогнат за полесно да се вклучат во реалниот пазар на трудот. Студентите отворено споделија идеи и предлози, а министерката ја нагласи подготвеноста на Министерството активно да им овозможи повеќе практични можности, стажирања и учество во проекти. Таа ги охрабри да бидат активни и да го користат секој простор што им се нуди за практично знаење, но и да ги изнесат своите идеи и очекувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот