Азир Алиу Фото: Фејсбук

Министерот за здравство и неговата „канцеларија“ немаат законска надлежност да истражуваат мито и неукажување медицинска помош, бидејќи тоа се кривични дела што се во надлежност на МВР

Една недела откако Министерството за здравство отвори онлајн формулар за поплаки – сандачето се наполнило со 39 пораки за злоупотреби и жалби, ама министерот за здравство Азир Алиу ги крие клиниките и докторите на кои истите се однесуваат. Граѓаните се жалеле на непрофесионално однесување, игнорантски однос кон пациентот, неисполнување на должностите, одбивање да им се пружи здравствена помош, доцнење во пружањето на здравствената услуга и мито. Со оглед на тоа што некои од овие пораки што Министерството за здравство ги добило се однесуваат на кривични дела, министерот Алиу не даде одговор што ќе се прави со информациите и како ќе ги проверува кога не раководи истражен орган. Сепак тој рече дека формирал канцеларија што се занимава само со поплаките на онјалн порталот а спомена дека ќе ги повика и директорите на здравствените установи за да разговараат за поплаките. Секој што ќе дознае за кривично дело, должен е да го пријави.

-За да бидеме сигурни дека тие податоци се точни, имаме канцеларија што се занимава само со овој дел од информациите. Ќе имаме состанок со надлежните во тие институции и ќе дојдеме до одговор дали информациите од поплаките се точни. Ова се првични информации, не значи дека се точни, рече Алиу.

Без механизам за проверка ниту надлежност на истражен орган, нејасно е каква ќе биде судбината на овие пораки и дали освен за информирање на министерот, тие ќе послужат за менување на системот.

-Министерството за здравство креира политики и тука завршува нашата одговорност. Ако се докаже дека има елементи за процесирање ќе ги пријавиме и тука завршува нашата надлежност. Во оваа фаза е многу рано да се именуваат клиниките бидејќи не сме сигурни дека информациите се точни, рече Алиу.

За некои кривични дела како примање мито, има само еден начин валиден пред суд за да се докаже тоа кривично дело – бележење на парите од страна на МВР. Така што, барем за делот со митото сигурно е дека канцеларијата на министерот Алиу нема да може да направи ништо.

Во петокот три групи граѓани го посетиле министерот за здравство во кабинетот откако ја формираше алатката „отворен кабинет“. Му давале фантастични идеи, дел се жалеле за недобиена услуга а трети се интересирале какви кадри Министерството во иднина ќе вработува во болниците, зашто нивните деца се подготвувале да се запишат на Медицински факултет.

Во врска со поплаките на дијабетичарите, дека не се согласуваат комисија формирана од Министерството за здравство да им ја ревидира терапијата што претходно им ја препишале специјалисти, Алиу изјави дека реирање на политики на здравството базирано на историја е минато.

-Сите политики и ќе се базираат на податоци. Затоа лично имав средба со дел од експертскиот тим и ќе излеземе со решение што нема да е на штета на граѓаните и пациентите. Од друга страна, за пристапот да биде комплетен мора да ги слушнете сите страни – државата, пациентите, ФЗОМ. Нема да дозволиме да имаат третман кој ќе има нус ефекти и сакаме да го намалиме тоа. Имаме веќе податоци и сите маки ми ги кажаа пациентите. Колку делуваат сензорите покажува тоа што некои од пациентите ми рекоа дека намалиле со примањето инсулин поради сензорите  што е позитивно и за нив и за државата, рече министерот за здравство. 

Запрашан зошто 6 месеци во Тетовската болница нема операции, министерот вели дека услугите што биле прекинати во некој временски период ќе продолжат. Тој најави дека ќе се менуваат 12 закони за да може да се спроведе дигитализација на здравството.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот