
Министерот за правда има слаби перформанси, вели Антонијо Милошоски
„Министерот за правда има слаби перформанси“, изјави вечерва во емисијата „Топ тема“ на „Телма“ пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, оценувајќи ја работата на министерот Игор Филков, кој е од редовите на партнерот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, партијата ЗНАМ – За Наша Македонија. Милошоски рече дека не е задоволен од учинокот на Филков во однос на реформите во правосудството и нагласи дека оваа оценка е негов личен став.
Препорачано
„Ова е мој личен став. Јас сметам дека министерот за правда има слаби перформанси по однос на обврските коишто ги има преземено за реформите во правосудството“, рече Милошоски, додавајќи дека во оваа област „има навистина слаб придонес од страна на Филков“.
„Личниот став“ на критика на Милошоски кон Филков доаѓа откако деновиве министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата на партии од албанскиот блок во власта, „Вреди“, Арбен Таравари, изјави дека „од 100 километри се гледа неусогласеноста на „Вреди“ во владината коалиција“.
Таравари вчера во интервју за „360 степени“ рече дека коалицијата функционира „тромо“ и дека треба да се најде модел за подобра синхронизација. Тој исто така призна дека има контакти со ДУИ и рече дека такви контакти имале и лидерите на другите партии од „Вреди“, но тие денеска го демантираа. Таравари потоа тврдеше дека нема намера да излегува од владината коалиција, која според него „функционира“.