
Министерката за финансии и директорот на ТИРЗ се на Евроазискиот економски самит во Истанбул
Директорот Гоце Димовски, како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денеска присуствуваше на 28-миот Евроазиски економски самит во Истанбул, Турција, организиран од Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – „Мармара груп“.
Препорачано
Димовски се обрати на панелот со тема „Екологија, економија, енергија и вештачка интелигенција“ при што посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
-Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници, изјавил Димовски.
Тој ги истакнал фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
-Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион, рекол Димовски.