
Министерката Тренчевска вели дека бебето со туберкулоза имало добри услови за живот
Министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска вели дека семејството на починатото бебе од туберкулоза живеело во добри услови, не користело социјална помош, а родителите се грижливи.
Препорачано
По извршениот увид од стручниот тим од Центарот за социјални работи во семејството на деветмесечното бебе од туберкулоза е утврдено дека семејството живее во добри услови и дека тие не се корисници на социјална или детска заштита, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, по смртта на бебето на Детската клиника во Скопје. Таа информираше и дека народниот правобранител отворил случај, па наодите, мислењето и записникот што е направен од Центарот за социјални работи ќе му биде доставен и тој, согласно надлежности, ќе ја води постапката.
– Центарот за социјални работи, односно стручниот тим веднаш по излегувањето на информациите во јавноста направи увид во состојбата на семејството во рамки на надлежноста на Центарот, односно во рамки на надлежноста на МТСП. Она што е утврдено од увидот на лице место е дека семејството живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво, како семејство не се корисници ниту на едно право од социјална и детска заштита. Единствено додека живееле во Скопје, бидејќи мајката е од Шуто Оризари, биле корисници на надомест за трето дете. Во разговорите со едниот родител, таткото, бидејќи мајката беше во болница со најмалото дете, е утврдено дека и тој и мајката се грижливи – рече Тренчевска и додаде дека не се утврдени пропусти во делот на грижата на родителите за детето.
Од здравствен аспект, дополни министерката, треба да постапи Министерството за здравство со нивните служби.
– Во овој момент работиме на интеграцијата на децата во образованието, да се погрижиме да се вратат во процесот на образование, таткото да се врати на работно место, затоа што само тој работи во семејството, а навистина работел и се грижел во економскиот дел и економската состојба на самото семејство, додека мајката се грижела за своите деца. Наша обврска е сега да работиме со семејството, со училиштето и со фирмата каде што работи таткото за да можат по подобрувањето на здравствената состојба да се вратат на училиште и тој да се врати на работа. Она што морам да го истакнам е дека другите три деца се во добра состојба, со развиени хигиенски навики, добри ученици се во училиштето. Не се работи за запоставување на децата од семејството. Семејството е стигматизирано во моментов и децата и мора да работиме на тој сегмент за да можеме да ги заштитиме од секакви понатамошни стигми од околината – додаде Тренчевска.