Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Минималната плата во фокус на седницата на Економско-социјалниот совет

Работодавците, синдикатите и Владата денеска треба да седнат на заедничка маса за да разговараат за зголемувањето на минималната плата која во моментот изнесува 22.567 денари. Според најавите, денеска треба да се одржи седницата на Економско-социјалниот совет на која ќе се разгледаат можностите за нејзино зголемување што како барање го поставија синдикатите според кои има реална потреба од вакво нешто.

Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 450 евра, а дел од бизнис-секторот се изјасни дека ќе го прифати ваквиот предлог, но да се намалат придонесите. Од Владата велат дека ќе остават да се договорат синдикатите и работодавците.

-Минималната плата ќе ја разговараат синдикатите и работодавците. Ние ќе го следиме процесот и што ќе се договорат меѓу себе, ние ќе го прифатиме затоа што во изминатиот период, врз база на направените анализи, констатиравме дека минималната плата, како компонентна која влијае на платите во државните институции, опфаќа многу мал број на државни службеници, околу 14.000 службеници, а сите останати не се поврзани со компонентната минимална плата – изјави во петокот министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Истиот став го кажа и премиерот Христијан Мицкоски на последната седница за пратенички прашања.

-Минимална плата ќе биде онаа плата којашто ќе ја договорат работодавците и работодавците. Ние сме страна којашто може да го води тој процес и како таков да го гледа и да го поддржи кога ќе заврши ако има решение. Секое решение коешто тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Еве сега во понеделник има една точка на дневен ред којашто се однесува до минималната плата. Се надевам дека работодавците и работниците ќе постигнат договор, договор којшто ние ќе го поддржиме – рече Мицкоски.

Согласно законот, во март треба да има усогласување на минималната плата, која според пресметките, треба да се зголеми за 1.800 денари, што според синдикатите е малку во однос на трошоците на живот.

Пресметките што ги прави Сојузот на синдикати на Македонија за минималните трошоци на едно четиричлено семејство покажуваат дека во јануари тие изнесувале 63.252 денари што значи дека две минимални плати се малку за да се задоволат основните потреби. За само една година, вредноста на синдикалната минимална кошничка пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.

-Граѓаните во Македонија не дека живеат многу добро и имаат многу добри плати, па пазарат и со тоа ја погреваат инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, не туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега, во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција на 21 јануари.

Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.

За денеска, како што најави премиерот Мицкоски, ќе бидат презентирани, како што рече, вистинските цени на производите од потрошувачката кошничка затоа што според него, се манипулира при пресметката на кошничката. На последната собраниска седница за пратенички прашања, Мицкоски рече дека сумата за храна и пијалаци е за 3000 денари помала од онаа во синдикалната кошничка и дека тоа ќе го презентира на седницата на ЕСС со слики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот