
Минатиот месец бил вториот најтопол април во историјата
Минатиот месец бил вториот најтопол април досега, а глобалните температури останаа над клучниот праг од 1,5 степен целзиусови за глобално затоплување, соопштија научниците.
Препорачано
Според податоците од Програмата за климатски промени Copernicus (C3S) на Европската унија, температурата во април 2025 година била за 0,6 степени над просекот за тој месец од периодот 1991-2020 година и 1,51 степен над прединдустриските нивоа, пренесува „Политико“.
Ова е 21-ви месец во последните 22 месеци во кој просечната глобална температура на површинскиот воздух била повеќе од 1,5 степен над прединдустриските нивоа.
Анализата, во којашто, како што се тврди, се користени „милијарди“ мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици ширум светот, исто така, покажала дека во најновиот 12-месечен период, од мај 2024 до април 2025 година, температурата била 1,58 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, проценетото ниво од 1850 до 1900 година што се користи за дефинирање на прединдустриската ера.
Ова се случува и покрај појавата на феноменот „Ла Ниња“ во Пацификот, што привремено ги намалува глобалните температури, тврдат научниците во споменатата анализа.
Податоците, исто така, покажале дека температурите на површината на морето надвор од поларните региони во просек изнесувале 20,89 степени Целзиусови, што го прави вториот најтопол април за морињата по минатогодишниот рекорд.
Температурите беа претежно над просекот низ цела Европа, а најголемите термички аномалии се регистрирани над источна Европа, западна Русија, Казахстан и Норвешка.
Просечната температура на копното била 9,38 степени Целзиусови, што е за околу 1,01 степен над просекот за април од 1991 до 2020 година, што го прави шестиот најтопол април во Европа откако се вршат мерењата.
Биле претежно над просекот на рускиот Далечен исток, поголемиот дел од западно-централна Азија, над поголемиот дел од Северна Америка, делови од Австралија и низ Антарктичкиот полуостров и Западен Антарктик.
Меѓутоа, југот на Јужна Америка, источна Канада во регионот на Големите езера и над заливот Хадсон, над североисточен Гренланд и Свалбард, над северна Австралија и источен Антарктик, регистрирале поголем дел од температурите под просекот.