
Миленкоски пред Белгија: Играме против силни противници, но имаме квалитет да бидеме конкурентни
Утре македонската одбојкарска репрезентација во салата „Борис Трајковски“ од 20:30 часот ќе го игра вториот натпревар од Европската златна лига и прв на домашен терен.
Препорачано
Противник на избраниците на Јошко Миленкоски ќе биде Белгија и можеби токму оваа селекција е нашата шанса за да направиме нешто повеќе ова силно натпреварување.
„Првпат играме во „Златната лига, но мислам дека ова не е преголем залак и имаме квалитет да бидеме конкурентни, без разлика што Украина е седма европска сила, а Белгија беше четврта во светот пред две првенства, а Хрватска редовен учесник, сега и домаќин на ЕП.
Сите тие се во подготвителен период и пред ЕП на натпреварите гледаат како тренинг, но за нас оваа Европска лига ни значи резултатски. Против Украина ме радуваат првите два сета во кои покажавме добра игра и тоа ни дава за право да кажеме дека сме на добар пат. Натпреварот со Белгија е важен бидејќи тие не се силни како Украина и тоа е наша шанса да направиме повеќе“, изјави Миленкоски.
Утрешниот ден ќе биде целосно одбојкарски бидејќи натпревар има и женската селекција која од 17:30 ќе игра против Летонија.
„Играме против силни репрезентации во оваа група во сребрената лига и ова е одлична можност за да видиме до каде сме, но и секако да се бориме за подобрување на резултатите на македонската женска репрезентација. Реалноста е дека имаше долго отсуство на оваа репрезентација и се надеваме дека ќе оствариме успеси во иднина“, изјави капитенот на женската репрезентација на Македонија, Ема Попјордановска.