Мицевски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи институционално, но нема да дава поддршка за кворум

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи институционално, но нема да дава поддршка во обезбедување на кворум, нагласи Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија” за време на вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.

– Јас уште на првата конститутивна седница реков „ако утрото по денот се познава, тешко е дека ќе имаме добар ден“. Новата Влада предводена од СДСМ има многу тенко мнозинство и тоа се гледа на сите седници што досега се одржаа”, нагласи Мицевски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција укажа дека владиното мнозинство ќе има проблем во редовно функционирање на Парламентот од причина што 62 пратеника се малку за редовно одржување на самото Собрание и негова работа.

– Не присуствувавме на пленарната седница од причина да испратиме порака, ќе си соберат пратениците, 62 на број колку што е актуелното владеачкото мнозинство, да си бидат присутни на седниците и да работат. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше присутна во Собранието, ние впрочем и учествувавме на самата Комисија за верификација на мандатот на колешката, со една цел да испратиме порака дека институционално ќе работиме, меѓутоа нема да даваме поддршка во обезбедување на кворумот”, потенцира Мицевски.

Мицевски истакна дека обидот за промоција на онлајн седниците на Собранието го разбрале од медиумите, а не како пратеничка група или како координатор на пратеничка група.

– Треба да продискутираме за можностите во одредени исклучителни случаи кога би можело да се употреби онлајн гласањето како алатка. Знаејќи со какво мнозинство имаме работа, ние сме претпазливи, пред сè и во давањето на изјави и во разговарањето за моделите кои што би можеле да се применат и во кои случаи би можеле да се применат”, рече координаторот на пратеничката група.

Мицевски истакна дека утрешниот протест во организација на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде за поддршка на македонските историчари во одбраната на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот