Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис/ Фото EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT

Мицотакис: Името на земјата е Северна Македонија, без разлика дали се користи во странство или во внатрешноста

Она што го очекувам, не само јас, бидејќи прашањето не е билатерално, се однесува и на Европа, до одреден степен се однесува и на НАТО, е многу јасна изјава на државниот и политичкиот врв дека почитувањето на Договорот од Преспа е целосно и дека името на земјата е Северна Македонија – вели тој

Верувам дека земјата ќе сфати дека не е во нејзин интерес да инсистира на ставот што создава проблеми со нејзиниот најголем сосед, кој исто така е и голем инвеститор во земјата и од кого очекува поддршка на европски пат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Антена“, говорејќи за односите со Северна Македонија и уште еднаш ја повтори позицијата дека очекува јасен став од државниот и политичкиот врв дека го почитува Договорот од Преспа.

Мицотакис рече дека на Балканот, „за жал, сè уште постојат сили кои сметаат дека ќе имаат политичка корист ако ги разбудат старите духови на балканскиот национализам“, додавајќи дека ова „во голема мера се случи со актуелната Влада на Северна Македонија, и во предизборниот период, но до одреден степен и по изборите“, јавува МИА.

Тој ги повтори позициите за Договорот од Преспа што ги имаше пред Нова демократија да дојде на власт и уште еднаш посочи дека „името на државата е Северна Македонија, тоа не се оспорува, без разлика дали се претставува во странство или името се користи за внатрешна употреба“.

– Северна Македонија не може да избега од ова предвидување. Гледам во последните два месеци дека Владата до одреден степен го сфати тоа. Она што го очекувам, не само јас, бидејќи прашањето не е билатерално, се однесува и на Европа, до одреден степен се однесува и на НАТО, е многу јасна изјава на државниот и политичкиот врв дека почитувањето на Договорот од Преспа е целосно и дека името на земјата е Северна Македонија, без разлика дали го користат вон земјата или во внатрешноста на земјата. Верувам дека се движиме во вистинската насока, рече Мицотакис.

На прашањето на новинарот дали треба Грција „поинтензивно да ги информира сојузниците за ставот на Северна Македонија“, Мицотакис кусо одговори дека веќе го сториле тоа.

Интервјуто за телевизијата „Антена“ беше од Солун по повод отворањето на метрото, а Мицотакис говореше за сите теми поврзани како со надворешната, така и со внатрешната политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот