Собрание пратенички прашања/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Мицкоски замолен да ја просветли опозицијата

Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ ѝ се обрати на опозицијата која „не ја сфатила тежината на дипломатската офанзива на премиерот’ и побара Христијан Мицкоски просветителски да дејствува врз политичките противници

Со меѓусебни обвинувања, прозивки и исмевања меѓу пратениците од власта и членови на Владата од една страна, и претставници на опозицијата од друга, помина и вчерашната собраниска седница за пратенички прашања. Главна тема беа посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД и неговото учество на Минхенската безбедносна конференција. Мицкоски не пропушти да се пофали колку следбеници има на мрежата Икс, а неговата сопартијка Марија Петрушевска ѝ се обрати на опозицијата која „не ја сфатила тежината на дипломатската офанзива на премиерот и побара премиерот просветителски да дејствува врз политичките противници. Остана нејасно дали успеале во тоа, зашто опозицијата не беше во салата.

СДСМ претходно го праша Мицкоски – дали при дипломатската офанзива на средбите кажал дека Преспанскиот договор е предавнички и треба да се менува, оти тој е потпишан под покривителство на САД. Беше прашан и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дали има непотизам во МНР, каде што е вработен татко му. Од Европскиот фронт се интересираа дали има судир во Владата околу вработувањата на Албанци во администрацијата.

Споредба со илинденците

Марија Петрушевска Фото: Принтскрин

– Со прашањата сакам да делуваме просветителски, бидејќи опозицијата ја критикуваше вашата дипломатска офанзива, додека вие на иста сцена се обративте со претседателот на САД Доналд Трамп. Еве просветителски да дејствуваме, оти опозцијата не собра храброст да ве пофали, зашто не ја разбираат надворешната политика – рече Петрушевска.

Мицкоски ги повтори познатите изјави за учеството на Минхенската безбедносна конференција, како и за посетата на САД. Тој истакна дека е задоволен оти неговото обраќање на социјалната мрежа Х го следеле околу 250.000 луѓе. Мицкоски не стаса да спомене со кого се се сретнал, па пратеничката, откако дополнително го праша за тоа, оцени дека премиерот дал одличен осврт на средбите и праша која е неговата главна порака.
Мицкоски рече дека остварил повеќе значајни средби за кои дома, од опозицијата бил исмеван дека се сретнал со небитни и непознати лица.

– По средбата со Ден Бонџино, во Македонија имаше обид за исмевања дека е радиоводител, а тој во меѓувреме стана втор човек на ФБИ. И за Мајкл Елис велеа дека е небитен човек, а стана втор човек на ЦИА. Не знам како сè не нè навредија за средбата со Ричард Гренел, а тој стана специјален претставник на претседателот на САД за решавање кризи. Средбите беа на супервисоко ниво и, наместо да сме среќни, тука прашањата беа – што правел Мицко по третпат во САД? А тие луѓе со една реченица ја одредуваат иднината на многу народи во светот. Илинденците да имаа можност за вакви средби, можеби Македонија сега поинаку ќе изгледаше. Главната моја порака беше – доста е од двојните стандарди. Не можам да кажам дека јас сега таму бев некоја ѕвезда, но моето обраќање предизвика внимание и барем тие 250.000 луѓе слушнаа дека таму има една земја на Балканот која има проблеми – рече Мицкоски.

Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска не доби одговор дали премиерот на соговорниците им кажал дека Преспанскиот договор е предавство, како што тврдел во опозиција, но одговори за гласањето за резолуцијата за Украина, за која рече дека земји-членки на ЕУ немале заеднички став, и логично било да се поддржи резолуцијата на САД.

Собрание пратенички прашања/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

– Прашањето е зошто тие земји-членки коишто се постојани или повремени, а се дел од ЕУ, не го блокираа носењето на резолуцијата на САД?! Зошто не гласаа против – праша Мицкоски.

Премиерот побара од Петровска да дојде на следното рочиште на суд, поврзано со тврдењата за неговиот син, бидејќи минатата недела не дошла.

– Ве молам следниот пат да не наоѓате изговор дека Парламентот е причина, обврски имате тука итн, но вие изнесовте тврдења во јавноста, напаѓајќи го моето дете – рече тој.

Петровска му одговори дека „ја утнал тужбата“.

Дебата за грашок во конзерва

Петровска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска влего во дебата за грашокот во конзерва и за тоа колку литри млеко му е потребно на едно семејство.

– Не сакам оваа дебата со вас да ја претворам во споделување рецепти, ама следен пат кога ќе одите во маркет, а рековте дека одите често, земете и споредете време на готвење на тој грашок од конзерва кој за вас е нелогичен, и оној другиот. За вас може не е важно, ама за едно просечно македонско семејство многу е важно колку време ќе биде вклучен шпоретот. Наместо да ни држите лекции за домаќинско пазарење не е лошо да го чуеме вашиот став за намалување на патните трошоци на пратениците и зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа – праша Петровска.

Собрание пратенички прашања/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Димитриеска-Кочоска налутено и порача на Петровска дека дури не може да ѝ каже почитувана.

– За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство. За грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме, па во најевтините маркети купувам замрзнат грашок – рече министерката.

Петровска возврати дека нема да реагира на навредите и порача дека „ако имаше дно, вие го пробивте“.

Муцунски: Звонко Муцунски е дипломат со подолг стаж

Муцунски потврди дека Звонко Муцунски му е татко и ја упати Петровска прашањата да ги постави до Срѓан Керим и до Никола Поповски, зашто во нивно време татко му се стекнал со звањата дипломат и службеник. Министерот повика Антикорупциската комисија да истражи дали тој му ги дал решенијата за службеник и за дипломат на татко му.

Собрание пратенички прашања/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Заменик-министерот за правда Ален Деребан рече дека лицемерно е ДУИ да поставува прашање за ветинг и таа тема да ја актуализира по 21 година на власт, на прашањето на пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари, зошто законот за ветинг е во собраниска фиока од 2020 година.

– ДУИ е пример и поим за криминал и корупција. Лицемерно е да го поставувате тоа прашање кога поранешен потпретседател на Советот за јавни обвинители е дел од еден коруптивен криминален скандал, осуден со правосилна спогодба на условна казна затвор за кривично дело за земање поткуп, односно надомест за незаконито влијание. Има поранешен потпретседател на таа партија којшто е во бегство и актуелен градоначалник на Општина Струга кој е ставен на црната листа на САД. Тие треба да сносат одговорност за сите дејствија што ги презеле – рече Деребан.

Според него, ветингот не е единствено решение туку, рече, потребна е одговорност пред органите на правдата и соочување со нив „за кривичните дела и коруптивните скандали кои биле извршени во изминатиот период“.

 

Неуспешен обид на Левица да го одблокира законот за бранителите

Пратеникот на Левица Сашко Јанчев процедурално побара потпретседателката на Собранието Весна Бендевска која претседаваше со седницата за пратенички прашања да го одблокира законот за бранителите, односно да ја закаже Комисијата за социјална политика, која остана без претседател по интерпелацијата на Илире Даути.

Сашко Јанчев Фото: Принтскрин

Бендевска му го исклучи микрофонот и му порача дека нема да дозволи да ја злоупотребува говорницата, а барањето да го упати на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот