
Мицкоски: Во Брисел ќе ја пренесеме фрустрацијата на граѓаните
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре престојуваат во Брисел, каде на агендата ќе биде Планот за раст. Ако се разговара за евроинтеграцискиот процес, Мицкоски вели дека ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси, но ќе ја пренесе и фрустрацијата на граѓаните.
Препорачано
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека документот за Планот за раст е доставен до Европската комисија.
– Прв и најквалитетен документ, којшто долги месеци беше во застој. Со формирањето на Владата тоа го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, за потоа тоа да пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручек со старо-новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – рече Мицкоски.
Тој вели дека ако се разговара за евроинтеграцискиот процес, ќе ги претстават аргументите и фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани.
– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, бидејќи повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија, повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да почнеме не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, не затоа што сме љубители на европските вредности, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, како што ги имаме ние – изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали ставот што го има околу уставните измени со одложено дејство може да биде дел и од разговорите во Брисел, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но вели дека се јасни позициите на Владата по ова прашање.
– Не би сакал да коментирам, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување на чевли. Сега имаме политика и дипломатија, којашто се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човекови права и да знаеме ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во таа 2018 година за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија – изјави Мицкоски.
Претходно, од МНР соопштија дека Муцунски ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во пресрет на неговото заминување од функцијата. По повод денот на независноста, во седиштето на НАТО во Брисел, ќе биде организиран прием, на кој Муцунски ќе се обрати пред дипломатскиот кор и поканетите гости.