
Мицкоски вели дека досега спречиле „многу сценарија на центрите на моќ“ чија цел била „да ѝ наштетат на Владата“
Премиерот навлезе подлабоко во наводите за „хибриден напад“ врз земјава, тврдејќи дека целта на напаѓачите, кои не ги открива, била „да внесат немир, страв и паника кај граѓаните и да ѝ нанесат штета на Владата“
Палењето на отпадите во Скопје и околината кои се случуваат деновиве се „само дел од сценаријата на центрите на моќ внатре и надвор од државата кои имаат за цел да внесат немир, страв и паника кај граѓаните и да ѝ нанесат штета на Владата“, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Сител“. Тој индиректно обвини „дел од активистите на СДСМ и ДУИ“ дека се вмешани во избувнувањето на пожарот на депонијата „Дрисла“.
Препорачано
„Ние како Влада и институции правиме се што можеме за да ги спречиме и многу сме спречиле, верувајте. Во суштина и не треба да ја оптоваруваме јавноста со такви видови на можни сценарија што имаат за цел да внесат страв и паника и ќе продолжиме тоа да го правиме. Тие („центрите на моќ“, н.з.) имаат интерес тоа да го прават бидејќи не сакаат стабилна состојба, сакаат политичари што веднат кичма и се услужливи за сè што на тие центри на моќ им е потребно, но оваа влада има свој карактер, аргументи и јасна политика да работи во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.
Токму во однос на изјавата дека зад актуелните случувања стојат „одредени центри на моќ“, Мицкоски рече дека неговите искази ги темели на „проверени индиции“.
„Тоа што го зборувам не е за да барам изговори, како што тврди опозицијата. Немаше да се зафаќам да ги решавам проблемите, туку ќе ги префрлев на претходните влади. Тоа што за 15 месеци успеавме да го совладаме, тие уште за пет мандати од по седум години не може да го сонуваат. Пред сè зборувам за владата на СДСМ и ДУИ“, вели премиерот.
Мицкоски ги пофали институциите дека во рекорден рок се справиле со пожарите на трите депонии, особено со пожарот во Трубарево, за кој рече дека е ставен под контрола по 30 часа, иако според проценките на експертите првичните проценки биле дека за тоа ќе бидат потребни од седум до десет дена. Тој додаде дека со институционалната акција трите жаришта се решени иако ниту недно од нив не е под надлежност на државата, особено она на депонијата „Дрисла“.
„Околу десетина луѓе кои се на раководни позиции во „Дрисла“ се повикани на разогор во СВР Скопје. Се анализираат нивните изјави, но исто така очекувам утре дел од вработените да дадат свои искази – како кога настануваат овие пожари, дел од опремата со којашто располага „Дрисла“ се праќаат на сервис, како дел од луѓето магично земаат боледување, како дел од активистите кои се познати од страна на СДСМ и ДУИ го посетуваат местото „Дрисла“ итн. Сето ова ќе биде детално истражено и ако некој мисли дека ќе помине неказнет, тогаш се лаже“, додаде Мицкоски.
На прашањето дали има потреба да се провери дали и како одредени објекти добиле лиценци, како оној во Трубарево каде што се одлагал електронски отпад, премиерот рече дека во последните 15 месеци Владата се занимавала со различни приоритети и со исправање на, како што рече, „погрешни работи што се таложеле со децении“.
„Дали можевме сè да направиме за овие 15 месеци – јас ве уверувам дека направивме повеќе од што можевме. Ова можеби ќе звучи себично, но знам колку се работи и колку се обидуваме да исправиме погрешни работи кои се таложеле со децении. Убеден сум дека инспекциските служби мора да вршат активности на проверка и покрај тоа што одредени правни лица или дејности поседуваат валидни документи. Да видиме како тие документи се издадени, дали можеби постоело заобиколување на процедурите во процесот на издавање на тие документи“, додаде тој.