
Мицкоски тешко ќе го премине „Рубикон“
Премиерот ја продолжи практиката на пратенички прашања тој да ги распрашува пратениците наместо да одговара, па на прашањата на опозиционерите Венко Филипче и Димитар Апасиев возвраќаше со контрапрашања
Лидерска „пресметка“ меѓу премиерот Христијан Мицкоски и опозиционерите Венко Филипче и Димитар Апасиев ја одбележа последната седница за опозициски прашања пред паузата на Собранието поради локалните избори. Филипче повторно побара декласификација на материјалите од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) за последната афера за следење, додека Апасиев побара оставка од Мицкоски за ужасната трагедија во Кочани поради вмешаност на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Премиерот повтори дека Обвинителството ќе се произнесе за аферата, додека наместо одговор за евентуална оставка од премиерската функција, го праша Аласиев за имотот на Левица.
Мицкоски ја продолжи практиката на пратенички прашања тој да ги распрашува пратениците наместо да одговара.
Препорачано
Мицкоски го предупреди Филипче дека повторно го носат во „длабоко“

– Битно е да се расчисти аферата за да не се фрла дамка врз врвни професионалци од АНБ, но и јавноста да знае дали имало злоупотреба во двете институции. Премиере, приказната почна со вашите најави дека имате индиции дека сте биле следени, прислушувани, ве следеле со дронови. Директорот на АНБ со куп скандали врши мобинг врз вработените и во некое сценарио многу лошо завршил. Вчера рековте дека сте следен индиректно и сега се отвораат многу прашања. Прво, дали навистина имало злоупотреба дали се следени други луѓе, дали биле следени законски или незаконски. Сосема несоодветно е да не им се дозволи на пратениците, чија обврска е да имаат надзор, да не можат да имаат увид во документите поради истражната постапка. Има голем јавен интерес оваа афера да се расчисти. Сè што се смета дека е злоупотребен материјал не може да биде класифициран. Зошто не дозволите декласификација, секако, со заштита на идентитетот на лицата, за да се знае имало или не злоупотреба, за оваа тема да не се користи за предизборно партиско злоупотребување – праша Филипче.
Мицкоски го предупреди Филипче дека повторно го носат во „длабоко“ и го праша зошто го дозволува тоа.
– Пак ќе ви кажам дека некој ве носи во длабоко и зошто го дозволувате тоа како претседател на партија? Што мислите дека јас ќе излезам овде од егзибиционистички причини и ќе кажам дека некој тоа го правел за да добијам внимание, да дефокусирам тема. Јас не сум тој што дозволувам декласификација, нормално е како претседател на Владата да добивам извештаи од тие институции. Тоа што се случува не е од сега, туку години наназад се занимавале со опозицијата, креирале невистинити белешки, а вие тие луѓе ги праќате за аташеа. Јас нема да навлегувам во детали и Обвинителството претпоставувам дека ќе се однесува јавнообвинителски и ќе дозволи декласификација на материјалите. Но не само јас, следени биле членови на вашата влада, новинари, бизнисмени и не знам дали тој што седи зад вас (Димитар Ковачевски – н.з.) и претходникот што тогаш биле премиери, знаеле дека се следени и луѓе од вашата влада. Затоа ви велам, повторно ве носат во длабоко. Да почекаме Обвинителството да се произнесе – рече Мицкоски.

Апасиев: Ми префрлате за 300.000 евра имот под хипотека, а ВМРО-ДПМНЕ има 102 имотни листа
Ословувајќи го Мицкоски како почитуван северномакедонски премиер, Апасиев го потсети дека кога бил во опозиција, му кажал дека заедно биле прислушувани и дека сега тој исчезнал од приказната. Тој го карактеризира премиерот како статус-кво политичар и додаде дека што ѝ да прави, црна дамка до крајот на животот како политичар ќе му остане катастрофата во Кочани.
– Ќе почнам со ваша изјава по несреќата кога новинарите исчепкаа дека „Рубикон“ е апла вмровска агенција, а вие тогаш рековте дека ги отфрлате обвинувањата, дека демантирате и да не се растурат пердуви во јавноста. Тврдевте со вашата кралска величина дека нема агенција што има врска со ВМРО-ДПМНЕ и ако ви дадат еден доказ, ќе понудите оставка – рече Апасиев.

Тој рече дека Агенцијата за обезбедување била основана по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, и тоа како паравојска за да ги добие тендерите и дека сопственик е Александар Нацев, за кого Мицкоски изјавил дека бил дел од влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година. Тој од собраниска говорница покажа фотографии на голем број функционери на партијата со кои Нацев се фотографирал, како и фотографија на Нацев и премиерот.
– Тој што не го знаете, а ве гласал за лидер, има кривична за злоупотреба на службена положба. Дали по овие докази ќе си поднесете оставка оти сами рековте дека ќе поднесете оставка – праша Апасиев.
Премиерот му кажа дека има фотографија и со него и дека можеби треба и неа да ја објави и дека Апасиев сакал да биде ВМРО, ама завршил во Левица откако го „исклоцале“ од ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски, наместо да му одговори на Апасиев дали ќе поднесе оставка, повторно го праша за кредитот подигнат за седиштето на Левица. Премиерот покажа документи и списоци за коишто рече дека ги добиле од свиркачи во врска со партискиот објект на Левица и од кои исто така, како што кажа, се гледа дека претседателот на Левица Димитар Апасиев и кандидатот за градоначалник на Скопје на оваа партија си префрлувале пари од сметката на Левица.
Апасиев го потсети Мицкоски дека пратениците прашуваат, а премиерот одговара, и дека во партискиот штаб, а не во Собрание може да поставува прашања.
– На Македонија ѝ треба лидер што има одговори, а не прашања. Вие ми префрлате за 300.000 евра имот под хипотека, а ВМРО-ДПМНЕ има 102 имотни листа. Ѝ префрлате на една, како што велите, партиичка што земала пари. Ние немаме вили во Хрватска, станови во Виена, часовници од 60.000 евра. Дојдете на кафе во седиштето, убаво го средивме. Колку искеширавте од агенцијата „Рубикон“. Немам дополнително прашање оти немаше одговор – рече Апасиев.