
Мицкоски: Техничката влада на Талат Џафери самоволно додала 400 милиони евра на проектот за автопатските коридори
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање за изградбата на коридорите 8 и 10Д, рече дека Владата одлучила „робусно да пристапи кон реализација на изградбата на овие коридори“ со цел граѓаните да можат да ги користат, а притоа државата да се заштити и да не плаќа милионски суми за пенали како што се однесувала претходната влада, која „на мускули еднострано раскинала концесија, а сега треба да плаќаат милиони“.
Препорачано
„Она коешто беше затекнато, а беше поврзано со изградбата на дел од Коридорите 8 и 10Д беше ништо повеќе од потпис ставен на договор, исплатени авансни средства во вредност од, во тоа време отприлика 15-16, мислам 17 милијарди денари отприлика, теренски работи нула и внимавајте ова беше многу важно. Првата владина седница, прв шок – техничката влада на чело со Талат Џафери самата одлучила, значи го суспендирала Парламентот, не постои Парламентот, одлучила договорот да го зголеми за отприлика 300-400 милиони евра. Зошто? Затоа што констатирале дека трасата којашто самите ја поставиле, ја трасирале и која што води помеѓу и го поврзува Гостивар со селото Букојчани поминува во периметарот на пештерата „Убавица“ и тоа ќе значи дека ќе треба истата да се поместува и тоа автоматски по себе значи отприлика околу 400, така нешто беше ако не се лажам, милиони евра плус. Значи на оние милијарда и 300 уште 400 милиони евра плус. Техничката влада, потпишано од Талат Џафери“, рече Мицкоски и додаде дека ако државата се откаже од изградбата според договорот којшто е потпишан, би значело загарантиран пораз на арбитража и дополнителни најмалку 350-400 милиони евра.
„Ова е факт. Значи не се милијарда и 300, туку милијарда и 700. И тука не влегуваат трошоците за експропријација, тие ги плаќа ЈП „Државни патишта“, тука не влегуваат трошоците за дислокација на инфраструктурата, далноводи итн. цевководи и слично. Тука не влегуваат трошоците за расчистување на трасите, сечење дрва итн. Кога сето ова ќе го ставите во пакет, можеби најскромната сума ќе биде над 2 милијарди евра, бидејќи сето ова според договорот е на товар на државата. И ако го читате тој договор ќе видите дека на крај, ако се откажете, ќе мора да го водите процесот некаде во Велика Британија, бидејќи апликативни се законите на Обединетото Кралство и Велс коишто се сосема различен тип на закон. Не е тоа дел од континенталното право, правниците тоа подобро од мене го разбираат. Не тука. Се повлекуваме од проектот, нема да го градиме и завршуваме таму. Загарантиран пораз на арбитража од дополнителни 350-400 милиони евра најмалку. Најмалку е ова што ви го кажав“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата поради овие причини одлучила автопатот што побрзо да се изгради и да не се повторуваат грешките на претходната влада којашто еднострано укинала концесија и свесно направила милионска штета на државата.