Мицкоски, Филипче Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Мицкоски прогнозира дека СДСМ може да не освои ниедна општина, Филипче му врати: Непријатно ќе се изненадите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски најавува голема победа на изборите, нагласувајќи дека очекуваат да добијат помеѓу 45 и 50 градоначалници, плус главниот град.

Тој во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тоа е поголем број градоначалници во однос на изборите во 2021 година кога имаа четириесет и двајца. За резултатот на СДСМ, пак, рече дека согласно нивните анализи тие би добиле од нула до шест градоначалнички места.

За партијата Левица пак оцени дека нема да освојат ништо.

„Не очекувам да освојат. Затоа што Левица, таму каде што кандидира свои кандидати, во најголем дел, а тоа се скопските општини и во градовите Тетово, Гостивар и Струга, теоретски не може да добијат поголем број гласови од кој било друг што се натпреварува на тие избори. Јасна е нивната стратегија, дека тие треба да бидат прокси за Демократската унија за интеграција“ рече тој.

Премиерот очекува излезеност помеѓу 850 и 900 илјади и се надева дека ќе освојат над 400 000 гласа, со што би оствариле историски најдобар резултат на локални избори. Прашан дали нивните анализи покажуваат пад на поддршката за партијата од парламентарните избори до денес, тој одговори не покажуваат и оти напротив сметаат дека имаат добиено дополнителен потенцијал.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најавува „енергична и ентузијастична битка“ во сите општини каде што СДСМ и коалицијата предложија кандидат за градоначалник. Според него, анкетите на ВМРО-ДПМНЕ лажно покажуваат мала поддршка за СДСМ, а владејачката партија е во паника од падот на рејтингот.

На прашањето во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, каде очекува победа на неговата партија, Филипче вели дека тоа ќе го кажат граѓаните, а во однос на анализите на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ ќе победи во најмногу шест општини, лидерот на СДСМ изјави дека по 19 октомври, но и по вториот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде непријатно изненадена, затоа што „повеќе не можат да излажат толку голем број граѓани“, како на парламентарните и претседателските избори лани.

„Ние ќе се бориме за да ги повратиме гласовите од времето кога поддршката на СДСМ беше огромна, со наши автентични политики и со искрен пристап, со отворен, инклузивен контакт со граѓаните. Така што, јас верувам дека тие политики ќе ги препознаат и секако дека се бориме за секој глас, на секој еден граѓанин“, изјави лидерот на СДСМ.

Според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ изгубиле стотина илјади гласа споредено со минатата година, што никогаш досега не се случило една влада да има толкав пад на популарноста за само една година.

„Меѓутоа, тоа не е чудно, едноставно, со ништо не се справија. Покажаа дека немаат ниту човечки капацитет ниту работна навика. Не се впуштија во решавање на проблемите на граѓаните, туку влегоа во партизација на институциите. Влегоа во тендери преку свои компании, преку коишто понатаму се исплаќаат хонорари на разни советници на премиерот во Владата, нивни сопружници“, рече Филипче.

Независно од исходот на локалните избори, Филипче планира да остане на позицијата претседател на СДСМ. Тој рече дека ја презел партијата во многу тешко време, по катастрофалниот пораз на парламентарните и претседателските избори и дека неговата визија ги надминува овие локални избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот