Христијан Мицкоски /Фото: Фејсбук

Мицкоски од Берлин: Премногу имаме дадено како народ и држава, заслужуваме безусловно да ги почнеме евроинтеграциите

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц на самитот на Берлинскиот процес како доста продуктивна и потврди дека Германија останува наш силен и активен поддржувач. Тој уште еднаш го пренел ставот на Владата дека во изминатите децении премногу имаме дадено, и како народ и како држава, и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно.

-Канцеларот Шолц потврди дека Германија е наш силен сојузник, не водиме политика на свиткана кичма, заслужуваме да ги отвориме поглавјата кон ЕУ – порача Мицкоски.

Мицкоски од Берлин посочи дека пред присутните ги презентирал и приоритетите на Владата.

-Ова беше добра можност да ги претставиме нашите планови во делот на економијата и во делот на нашата амбиција да бидеме раскрсница на Балканот, во смисла на тоа да бидеме раскрсница на енергетските текови, патната инфраструктура и железничката инфраструктура, бидејќи и природно и географски, ние сме таа раскрсница на два важни европски коридори, коридорот 8 и коридорот 10 – истакна Мицкоски.

Во делот на енергетиката тој истакнал дека целта е државата да стане потполно енергетски независна.

-Наша политичка, но и економска цел е до 2026 година да произведуваме онолку домашно количество на електрична енергија, колку што и ќе трошиме, односно да бидеме и увозници на електрична енергија, а до 2027 година со реализирање на проектите на овој план и да бидеме извозници – изјави премиерот.

Во разговорите на берлинскиот процес Мицкоски го отворил прашањето и за евроинтегративните процеси на државата. Тој уште еднаш го пренел ставот на Владата дека во изминатите децении премногу имаме дадено, и како народ и како држава, и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно. Според него, заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку бргу ќе ги затвораме.

-Притоа останувам подготвен да разговарам со кого било за да изнајдеме решение коешто на долг рок ќе значи вистинско решение со јасен крај, а крајот треба да биде членство на Македонија во рамките на Европската Унија – изјави од Берлин премиерот Христијан Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот