Прес-конференција на Христијан Мицкоски/ Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Мицкоски: На талибански начин се бришат „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од извештајот во Европа

Бришењето на зборовите „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, според премиерот Христијан Мицкоски е подеднакво лошо како и да стоеше  придавката „модерен“.

На новинарско прашање како го коментира тоа што трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа се согласиле да ги отстранат зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, Мицкоски изјави дека тие предупредиле на ваков инженеринг.

БГНЕС: Европскиот парламент ќе ги отстрани „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија

– Уште еднаш се покажа дека не е само неколку стотини Бугари во Устав, туку е многу подлабоко и сега сите тие кои манипулираат, кои во минатото нè убедуваа дека само да го смениме Уставот, готово, сите наши проблеми ќе бидат решени, треба да излезат пред македонските граѓани и да се извинат. За жал оние егзибиции што седум години се случуваа кај нас нè доведоа во ваква ситуација – на талибански начин се брише македонскиот идентитет и јазик од извештајот во Европа. Тоа го дочекавме, а тоа го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ – изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.

Како што претходно објави БГНЕС, трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа се согласиле да ги отстранат зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија.

Мнозинството во пленарната седница во Стразбур се очекува да ги поддржи амандманите на извештајот следната недела.

Според бугарскиот медиум, нацрт резолуцијата на Европскиот парламент, врз основа на извештајот на Томас Вајц, директно ја нагласува целта на српскиот геополитички проект за доминација на Балканот. Тој не е само економски, туку има за цел да ги промени државните граници во регионот и ги вклучува Република Српска, Црна Гора, Косово и Македонија.

Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Македонија во кој на четири места директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:

„(Европскиот парламент …) го повикува Европскиот совет да ѝ даде јавна и недвосмислена поддршка на Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет“.

Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:

„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.

БГНЕС пишува дека нацрт резолуцијата, која може да ја види секој, објавена на веб-страницата на Европскиот парламент, изразува загриженост дека Македонија и другите земји-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и кампањи за дезинформација, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, нетранспарентни финансиски текови и присилни инвестициски практики, особено со потекло од Русија и Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот