
Мицкоски му дели задачи на Орце, како што ѝ делеше на Арсовска, велат од СДСМ
Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник и им дели задачи на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, порачаа од СДСМ. Овој пат, како што велат од партијата, на Орце Ѓорѓиевски, исто како што беше случајот со Данела Арсовска.
Препорачано
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски најавуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство. Но, се скараа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос.
Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи тоа, целосно игнорирање на интересите на граѓаните. Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните“, соопштија од СДСМ.
Според опозициската партија, денеска ја гледаме истата шема – со Мицкоски и Ѓорѓиевски скопјани може да очекуваат нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните.
„Скопје заслужува повеќе. Скопјани очекуваат решенија, искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град со градоначалник што ќе работи со визија и план, а не нова Арсовска по диктат на Мицкоски“, се вели во соопштението.