
Мицкоски: Македонија не е ништо задолжена, туку напротив, долгот е намален
Македонија не е ништо задолжена, туку напротив, ако ги гледате податоците, долгот е намален, рече премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто за емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија, коментирајќи ги обвинувањата дека со последниот договор со Обединетото Кралство долгот на државата е зголемен.
Препорачано
„Теоретски утре да почнеме да градиме, првата фактура ќе пристигне во 2027. Колку бргу ќе градиме, колку ефикасно ќе градиме, така ќе расте и нашиот бруто домашен производ, затоа што во градежништвото барем 3 пати ги вртите парите. Расте градежништво, расте индустриско производство, растат услуги итн. Како ќе расте нашиот номинален БДП, така ќе доспеваат обврските и така ќе се повлекуваат средствата. Значи ние нема да ги повлечеме, да ни стојат на сметка и сега ние наеднаш ќе го кренеме долгот на државата без да го кренеме номиналниот БДП“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски уверува дека на крајот на годината ќе има дополнително намалување на долгот, а потсети дека во изминатата година се вратени и долгови кои биле направени во минатото.
„Државата е раздолжена со неколку проценти, споредено со тоа што го затекневме. Вративме обврзница од половина милијарда евра што ја земала претходно СДСМ во 2018 година. Еве Министерството за транспорт доби барање од јавното претпријатие МЖ Транспорт и Инфраструктура да обезбеди средства за овој проект, тие се обратија до финансии, Финансии добија задолжение од Владата, ова се условите, тие ги понуди на 20-тина финансиски институции и банки, која ќе даде најдобри услови-тие услови ние ќе ги искористиме. А кој се условите, бидејќи велат 1,5 пати ќе ги враќаме тие пари? Ако се водиме по грубата математика и ако го користиме нашиот кредитен рејтинг ББ-стабилен, тогаш можеби би вратиле 75% низ камати. Но, што прави Обединетото Кралство? Ни вели ние за вас ќе гарантираме со нашиот кредитен рејтинг, а вие ќе ги користите средствата преку UK Export Finance, а нивниот рејтинг е ААА, што значи дека на меѓународниот пазар на пари нивните услови се барем 2 до 3 пати поповолни од нашите“, истакна Мицкоски.