Христијан Мицкоски Фото Фејсбук: Мицкоски

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи една изборна единица, со право да гласа и дијаспората

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи предлог за една изборна единица со право да гласа и дијаспората, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски за предлогот на ЛДП.

„Јас еве дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Јас тоа го кажав. Онаму каде што не дозволува во рамки на дипломатско-конзуларните претставништва, се сеќавам беше и тема на партиски дијалог пред неколку години, но за жал не се успеа тогаш да се направи поради тоа што не бевме подготвени.

Но принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам, пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат една изборна единица во којашто право ќе има да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа“, рече Мицкоски пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика.

Според Мицкоски нема причина зошто ова да не се случи до следните парламентарни избори, доколку се направат подготвки на дипломатско-конзуларните претставништва.

Прашан дали за оваа идеја има консензус, премиерот нагласи дека нема политичка дебата за да се бара компромис и консензус.

Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Во петокот и Демократскиот сојуз најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот