
Мицкоски ќе го чека документот од Филипче пред да даде одговор
„Па, да го видиме документот, јас тоа велам – да го видиме документот којшто ќе го поднесат. Се надевам дека ќе дозволат и ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група од владејачката коалиција да дадат свој инпут на сето тоа. Да го видиме документот, да видиме што е тоа што ќе понудат ново”, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање како го коментира предлогот на Венко Филипче.
Препорачано
Лидерот на СДСМ пред неколку дена предложи да се усвои документ-резолуција во Собранието, со кој сите партии, заеднички, ќе ги исцртаат „црвените линии“ околу спорот со Бугарија и ЕУ-интеграцијата на Македонија. Доколку и по ова Бугарија стави вето на отворањето на преговорите со ЕУ, Филипче предлага да ги напуштиме тие преговори.
Премиерот додаде дека многу такви декларации предложени од СДСМ биле само „обично слово на хартија“ и „воопшто не се почитувале“.
„Иако мора да кажеме дека во минатото декларациите на СДСМ се декларации коишто на крај завршуваат како обично слово на хартија, воопшто не се почитуваат. Имавме многу такви декларации во минатото, како што кажав, но, за жал, СДСМ сето тоа коешто го декларира, апсолутно не го почитуваше кога имаше кревка можност да управува со владата. Така што, еве, да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го видиме”, рече денеска Мицкоски.