Фото: АНБ

Мицкоски ја префрла топката за декласификацијата на документите од АНБ, во Обвинителството

Откако и поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и опозицијата побараа декласификација на документите за аферата за следењето на политичари и новинари, премиерот Христијан Мицкоски ја префрла топката во Обвинителството и вели дека за тоа одлучува Обвинителството, а не Владата.

– Тој што ги лиферува таквите информации или е правна аналфабета или се обидува да ја политизира работата – посочи Мицкоски.

Според него, традиција е кога СДСМ е во Владата и управува со службите во државата, ВМРО-ДПМНЕ да биде следена.

Нормално е вели сега како претседател на Влада до него да стигнат тие информации и дека веднаш ги доставил до институциите.

– Гледам дека во опозицијата, во СДСМ се вознемирени. И треба да бидат вознемирени, затоа што со децении се злоупотребуваат ресурсите на службите, порано на Управата за безбедност и контраразузнавање, а сега на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Ценам дека еднаш за секогаш треба да се стави крај на злоупотребата на ресурсите за да влегуваме во туѓите човечки животи. Бедни се тие луѓе кои наместо со себе се занимаваат со другите луѓе – рече Мицкоски.

Тој очекува Обвинителството и судството да го истераат случајот до крај.

Пратеничката група на СДСМ пак уште еднаш побара итна декласификација на целата документација, а пратеничката Славјанка Петровска е децидна дека АНБ ги декласифицира документите.

– А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицирани информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член Член 14. Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот. Но, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој стои: Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка. Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта, за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолговлекувања – рече Петровска на прес-конференција.

Таа побара итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ. Од АНБ вчера во изјава за „Слободен печат“ рекоа дека Агенцијата нема да декласифицира документи јавно, туку единствено ако тоа го побара Јавното обвинителство за потребите на постапката.

– Агенцијата за национална безбедност, во врска со сите информации што се однесуваат на незаконско постапување, во согласност со законските обврски достави известување до надлежно јавно обвинителство. Доколку за потребите на постапката пред надлежниот орган се јави потреба за декласификација на документ чиј создавач е Агенцијата, а се во врска со доставените известување до Јавното обвинителство, Агенцијата за национална безбедност ќе постапи во согласност со прописите што ја регулираат предметната материја – рекоа од Агенцијата за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!