Туристи / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мицкоски: Имаме најголем раст во бројот на туристи во светот, ќе има 40 до 60 илјади туристи и по крајот на сезоната

Според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека следи пораст на бројот на туристи од 40-60 илјади луѓе кои ќе ја посетуваат државата и вон туристичката сезона, а тоа, според него,  ќе допринесе во зголемувањето на животниот стандард и зголемување на просечната плата во државата.

„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации, секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено.

Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место”, истакна тој.

Премиерот информираше дека Македонија во првите 6 месеци има околу 13,5 проценти раст во туризмот споредено со тој период минатата година, а според него, бројот на странски туристи скоро 20 проценти раст.

„Знам што сработивме изминатите 6 месеци за после оваа туристичка сезона која ќе заврши, надвор од туристичката сезона на нашите главни туристички центри повторно ќе имаме гости кои што ќе бидат во бројка од неколку десетици илјади кои што ќе генерираат неколку стотици илјади преноќувања. Зборувам за бројка од 40, 50, 60 илјади гости кои ќе бидат надвор од сезоната и зборувам за бројка од 150, 200, 300 илјади преноќувања, нешто кое што сме го немале во минатото“, рече претседателот на Владата.

Тој потенцираше дека државата мора да се справи со проблемот се соочува Охрид во однос на Охридското Езеро и неговата заштита од УНЕСКО, од каде владата добила одреден период во кој треба да ги пополни сите нотирани недостатоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот