
Мицкоски: Имаме докази дека пожарите се подметнати, има и приведени
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека имаат докази за подметнување на пожарите, посебно во Скопје. Тој додаде дека има и приведени луѓе.
Препорачано
„Пожарот, на пример, кој се случи во близина на Смилковско езеро беше навечер, после 21 часот и тоа што го најдовме таму но и три лица кои што потоа беа обезбедени, укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција посебно во Скопје“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека е задоволен од тоа што за помалку од 24 часа и покрај исклучително тешките услови – високата температура, проследено со силен ветар со 80 а на моменти и над 100 километри на час, успеале да ги стават пожарите под контрола.
Како што го информирале утрото пред 10 часот, во моментот активен е само пожарот во Дојран, но нагласи дека нема опасност по населените места. Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден од преадаптираните возила, во гаснењето на пожарите биле вклучени девет пинцгауери, еден хермелин и два БТР-а и тие истуриле околу 300 тони вода.
„Тоа е како полициските и армиските хеликоптери да направат 75 прелети тој ден што е невозможно“ рече тој.
По техничкиот преглед, деновиве очекува сите да бидат вклучени и смета дека ќе биде драматично подобрена расположливата механизација и специјалните возила и ќе може да се справат со пожарите.