
Мицкоски ги „закажа“ локалните за 19 октомври, Гаши не потврдува ни кога ќе ги распише
Тој дополни дека добил информации од Собранието дека локалните избори ќе бидат распишани на 7/8 август, а првиот круг би требало да биде на 19 октомври 2025 година.
Премиерот Христијан Мицкоски го „закажа“ првиот круг од локалните избори на 19 октомври, иако претседателот на Собранието Африм Гаши се уште не ги ни распишал, ниту пак, потврдувадали тоа ќе биде на 8 август.
Препорачано
Мицкоски коментирајќи ги критиките на СДСМ дека кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, работи во интерес на партијата, а не на граѓаните, рече дека резултатите на локалните избори во октомври годинава ќе покажат чија политичка реторика е исправна по изборот на кандидати за градоначалници.
– СДСМ си има своја реторика, си има своја политичка комуникација. Јас не би ја коментирал да почекаме до 19 октомври, 20 часот ќе ги слушнат резултатите и сè ќе биде јасно – истакна Мицкоски.
Тој дополни дека добил информации од Собранието дека локалните избори ќе бидат распишани на 7/8 август, а првиот круг би требало да биде на 19 октомври 2025 година.
Гаши пак, не сакаше да го прецизира датумот кога ќе ги распише локалните избори, тој само рече дека тоа ќе го стори во првата половина од август. Прашан дали ќе ги распише на 8 август, Гаши нагласи дека е возможно и оти се ќе биде во рамките на предвидените рокови.
-Може да се распишат на 8 август. Се ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик има две одредби по кои се водиме. Прво е одредбата да не биде повеќе од 90 или помалку од 70 дена. Втората ориентациона точка е Законот за локална самоуправа каде се вели дека изборите треба да се одржат во втората половина на октомври. Во рамките на овие два периода, ќе ги распишеме избори. Најверојатно во првата половина од август – рече претседателот на Собранието.