Филипче Сдсм/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Мицкоски ги откри намерите за данокот за немажени и неженети, доцна е за правдање, велат од СДСМ

Попусто Мицкоски се обидува „да се испере“ за најавениот данок за немажени и неженети, тој јасно ги откри своите намери и своите политики. Откако сфати дека отпорот кон неговата идеја е огромен, Мицкоски побрза да се вади, но уште повеќе се заплетка, велат од СДСМ во соопштение.

Не е точно дека Мицкоски се обидувал да го сврти вниманието на опаѓачкиот наталитет. Вистината е дека тој навистина би го вовел данокот и таа желба јасно ја кажа. Ова потврдува дека човекот единствено го интересира како да ги оданочи граѓаните, како да им ги скрати правата и слободите и како да го наполни буџетот. Впрочем, ова Мицкоски го прави и преку сите други политики. Затоа лажно е неговото правдање,а намерите и неговиот авторитарен карактер се веќе откриени. Прашање е само на време кога Мицкоски ќе воведе нови давачки за граѓаните, додека тој, неговите олигарси и функционерите ќе уживаат во приватни авиони, папаја и манго. Граѓаните треба да знаат дека изјавата на Мицкоски е јасна потврда за тоа што навистина го мисли, а манипулација се неговите извинувања и правдања. Токму тоа би била неговата желба, секако ако граѓаните тоа го дозволат и молчат. Затоа, Мицкоски треба да знае дека е прочитан како буквар, а неговите авторитарни тенденции избиваат од секоја негова изјава, пишува во партиското соопштение.

Од партијата го коментираат интервјуто на премиерот кој вечерва зборуваше и за јазикот во извештајот на Советот на ЕУ.

„Мицкоски, кој се фали дека го брани македонскиот јазик и идентитет, денес е човекот заради кој тие повторно се ставени под прашалник во европските институции. Откако дозволи македонскиот јазик да се оспори во извештајот на ЕУ и не направи ништо за да ја поправи таа катастрофа, сега со напад на СДСМ се обидува да ги замајува граѓаните и да го покрие својот неуспех. Кога ќе се погледнат фактите, јасно е дека со неговиот аматеризам, запоседнување на терен и периметар дипломатија, Македонија ризикува да го изгуби јазикот од извештајот на Советот на ЕУ. Наместо да се бори таму каде што треба, во Брисел, Мицкоски се бори тука, против својот народ, против опозицијата, против сите кои ја гледаат неговата дипломатска катастрофа. СДСМ не е национално исплакната партија — исплакнат е твојот лажен патриотизам. Држава и јазик се бранат со храбри одлуки, со работа, со дипломатска умешност и со чесен став, а тоа е сè што ти немаш. СДСМ беше партијата која успеа да го внесе македонскиот јазик и идентитет во европските документи, да ја зачува националната посебност и да ги отвори вратите на Европа за Македонија. Сè што ти направи е да ги затвориш тие врати и да ја посрамиш државата.
Твојот патриотизам е за реклами и на митинзи, тука завршува се што разбираш ти од патриотизам. Ти ги користиш чувствата на граѓаните како монета за поткусурување во твојата кампања. Но народот веќе гледа, зад големите зборови стои мал исплашен и неспособен човек.  Ако навистина го чувствуваше ова што го зборуваш, немаше да дозволиш националните победи кои беа изборени да бидат избришани за една ноќ. И немаше да го делиш народот на „вистински“ и „исплакани“, како да не сме сите еднакви граѓани на оваа земја. Како да не сме граѓани кои го сакаат истото, сигурна и развиена држава. Затоа престани да се криеш зад патриотизмот и да ја труеш јавноста со лаги. Веќе те разоткирја и оние што сега ти аплаудираат. Ти не го браниш народот туку го злоупотребуваш. Македонскиот јазик не е твој, идентитетот не е твој, државата не е твоја да ја користиш како добра можност во кампања“, пишува во соопштението од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот