Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски ги дискредитира и им се заканува на правните експерти

Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски што не успеала и потоа ќе следува кривична одговорност за тие што ќе земаат хонорари, а ништо нема да сработат, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ја дискредитира работната група за измени на Уставот и пред таа да почне со изработка на амандманите за да бидат запишани Бугарите и други помали заедници во Преамбулата и најави кривична одговорност за експертите членови на групата. Министерството за правда одби да коментира ставови на политички лидери, откако го објави составот на работното тело, додека некои од ангажираните во групата се надеваат дека и опозициските партии ќе се вклучат во изработката на уставните измени.

Мицкоски не очекува ништо од работната група што ја оцени како семејно стебло на СДСМ и ДУИ.

„Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Се срамам од нивниот срам. Ништо не очекувам, од работната група, очекувам одговорност и кога во парламентот ќе дојде до утврдување на потребата за отворање на Уставот, тоа да не успее. Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски што не успеала и потоа ќе следува кривична одговорност за тие што ќе земаат хонорари од народот, а ништо нема да сработат, бидејќи нивната работа е беспредметна“, изјави Мицкоски.

Тој го повика премиерот Димитар Ковачевски да ја достави иницијативата до Собранието за пратениците да го дадат својот став за уставните измени.

„Коалицијата „За обнова на Македонија“, која брои 44 пратеника, нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот. Час поскоро да ја затвориме оваа тема оти има поважни работи“, порача Мицкоски.

Министерството за правда ја комплетира работната група за измени на Уставот и освен претставници на партиите на подготовка на уставните амандмани ќе работат и поранешните уставни судии Сали Мурати, Бајрам Положани, Бранко Наумовски и Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, професорите Јетон Шасивари, Ана Чупеска, Елена Михајлова Стратилати, Беса Арифи, Јагода Митревска и Марија Пандевска.

Од Министерството за правда информираа дека работната група ќе се дополнува и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени. Тие треба да ја подготват предлог-иницијативата за потребата од уставни измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието, а паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.

Професорот Јетон Шасивари веројатно нема да се најде на списокот на Мицкоски за кривична одговорност, бидејќи во изјава за „Слободен печат“ вели дека не разговарал со министерот за правда Кренар Лога за хонорарот што би требало да го добие за ангажманот, дека ќе работи про боно, односно без никаков паричен надомест.

„Овој процес на отворање на Уставот, во споредба со претходни ангажмани, како со Преспанскиот договор, има поинклузивен, поотворен и подемократски карактер. Сметам дека и партиите кои сега не учествуваат во работната група ќе се вклучат во подоцнежната фаза на јавни расправи и ќе дадат свој придонес. Работната група не треба да се оптоварува со прашањето дали ќе има двотретинско мнозинство за Собранието да ја утврди потребата од отворање на Уставот. Во 2014 година кога во парламентот имаше двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, беа подготвени и нацрт-амандманите, но никогаш не се изгласаа уставните измени што ги предложи тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ“ вели Шасивари.

Тој смета дека при отворањето на Уставот би било рационално да се разгледаат сите прашања за кои има интерес:

„Ако нема консензус, добро би било барем да се евидентираат. За тие за кои ќе има консензус, да одат во натамошна процедура. Но, битно е да се дискутира за сите прашања поврзани со Уставот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот