
Мицкоски: Ако граѓаните ни дадат црвен картон на локалните, ќе одиме на предвремени парламентарни избори
Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно и сите анкети тоа го покажуваат. Дури има минувачи што на улица ме среќаваат и самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме.
Локалните избори следната година ќе бидат тест дали Владата ќе оди на предвремени парламентарни избори, порача премиерот Христијан Мицкоски со што ја расчисти дилемата дали во пакет со локалните Македонија ќе трча и на предвремени парламентарни избори како што бара лидерот на ДУИ Али Ахмети, а прифати и СДСМ.
Препорачано
-Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно и сите анкети тоа го покажуваат. Дури има минувачи што на улица ме среќаваат и самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме. Јас разбирам дека некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание – рече премиерот.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е секогаш подготвена за избори бидејќи партијата е консолидирана, апсолутно функционална и уште задутре може да истрча на терен.
-Следната година имаме локални избори, граѓаните ќе кажат дали се потребни и парламентарни избори. Ако се потребни може веднаш потоа да организираме и парламентарни избори. Ако тие речат црвен картон има ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката. Ние не сме СДСМ и ДУИ коишто ја игнорираа пораката на народот во 2021 и на сила беа во Владата. Прв тест ќе бидат локалните избори следната година, ако колаицијата на Левица СДСМ и ДУИ ја победи владината коалиција, тогаш ние апсолутно нема што тука да кажеме. Ако ние победиме очекуваме конечно тие да се завртат кон себе, да се реформираат со нови луѓе и програмски идеи и да се најдеме на следните редовни парламентарни избори – рече Мицкоски.
Владиниот партнер Арбен Таравари од Вреди пак на барањето на Ахмети за предвремени избори му порача прво да се адаптира и реформира. Таравари вели дека идната година ќе има избори, но дека тие ќе бидат само локални, но ако има консензус и од ДУИ се заинтересирани за парламентарни избори може да зборуваат и за тоа.
-Но, пред пет – шест месеци завршија изборите. Така што, јас би му препорачал на господинот Ахмети повеќе да се фокусира во реформи во партијата и во адаптација во опозиција, отколку да бара избори. Оти ако се одржат повторно идната година, потоа повторно 2026 година пак, ќе бара избори. Така што, ајде ние прво како Влада да ги реализираме проектите што се ветени. Дел од нив веќе се реализираат, а тој нека се адаптира и нека се реформира – рече Таравари.
Премиерот темата за предвремени парламентарни избори ја отвори лично на првите пратенички прашања во Собранието откако лидерот на СДСМ Венко Филипче побара оставка од Владата зашто не ѝ одело најдобро. Филипче по неколку дена му одговори на Мицкоски дека на секој нареден изборен циклус, СДСМ ќе настапи пообединета, а повикот за избори го протолкува дека повеќе е порака до ДУИ и до владините партнери Вреди и ЗНАМ.
-Ова на некој начин и кокетирање со ДУИ би рекол дека е порака пред сѐ за Вреди и за ЗНАМ коишто очигледно дека имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка. А, што се однесува на СДСМ, ние сме подготвени да одиме на какви било избори од денеска натаму. И во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно – рече Филипче.
Лидерот на ДУИ Ахмети пак, од речиси секој собир со членството и со граѓаните бара во пакет со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Последната порака за избори Ахмети ја испрати синоќа од собирот во Кичево.
-Христијан Мицкоски на пратенички прашања отворено кажа „повелете да одиме на избори“. Јас го држам за збор, во октомври 2025 година со локалните да одиме и на вонредни парламентарни избори – рече Ахмети.