
Мерко сега се гони и за предизвикување меѓуетнички раздор, Обвинителството потврди дека му е одземен пасошот
Основното јавно обвинителство Струга соопшти дека поднело уште едно обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за поттикнување етничка омраза и нетрпеливост. Од Обвинителството ја потврдија информацијата која вчера на социјалните мрежи ја објави пратеникот на „Вреди“ Беким Ќоку – дека на Мерко му е одземен пасошот.
Препорачано
Во најновиот случај против него, Мерко се гони за незаконското поставување плоча на влезот во Општина Струга, која го одбележува денот на кој во југозападна Македонија, тогаш под италијанска окупација, Кралството Албанија го прогласило албанскиот јазик за службен на териториите окупирани од италијанските фашисти и балистите.
„Надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог затоа што обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја“, велат од Обвинителството.
Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон. Со последното поднесено обвинение вчера, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му се заканува затворска казна, велат од Обвинителството.
Основниот суд Струга го прифати предлогот на обвинителството и донесе Решение со кое му го одзеде пасошот на обвинетиот и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот”, додаваат од ЈО.
Рамиз Мерко е ставен на „стоп-листа“ и пасошот му е одземен, вели пратеникот Ќоку од „Вреди“