
Мерко доби казна од 10.000 евра зашто незаконски поставувал директори
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, денеска личнп ја слушна пресудата за случајот што се водеше против него пред Основниот суд во Струга, во кој е обвинет за „несовесно работење во службата“ и неправилности при назначување на в.д. директори на основните училишта во струшките села, Лабуништа, Радолишта и Подгорци, пренесе ТВ „21“.
Препорачано
За ова, Мерко беше осуден со 10 илјади евра. Според судот, нема основа за ефективна затворска казна. Причината за ова, според судијата Јордан Јованов, е тоа што Мерко досега не е осуден за никакво кривично дело и ова претставува олеснителна околност за обвинетиот.
Судијата рече дека судот ја утврдил законската дупка во фактот што Мерко не бил директен предлагач, туку кандидатите за директори биле испрашувани од страна на одборот, чии постапки не биле прецизирани од Обвинителството, каде што директорите биле прашани дали сакаат или не да раководат со институцијата.
Против Рамиз Мерко во Основниот суд во Струга се води и судски процес за назначувањето директор во училиштето „Браќа Миладиновци“, кое исто така е во завршна фаза, а пресудата се очекува следниот месец.
Судијата Јованов за следниот месец закажа и рочиште за случајот во врска со училиштето во село Велешта, каде што има обвинети за фалсификување документи, каде ќе треба да се сослуша само уште еден сведок.
Во тек е и судење против Мерко, во кое тој е обвинет за незаконско поставување спомен-обележје пред општинската зграда.
Пред една недела, судот во Струга донесе пресуда за да го ослободи од обвиненијата Мерко во врска со купувањето луксузно возило за потребите на општината.